Kristina Maslareviç
25 Март 2016•Ажурирај: 26 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) - Владата на Србија денес преку пишано соопштение изрази длабоко жалење за сите жртви од воените судири на просторите на поранешна Југославија и ги осуди злосторствата кои ги извршиле припадниците на српските единици, како и злосториствата извршени над Србите, како во Хрватска така и во Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).
По вонредната седница на Владата на Србија по повод пресудата на Хашкиот трибунал со која Радован Караџиќ е осуден на 40 години затвор поради геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување, српскиот министер за правда, Никола Селаковиќ, го прочита соопштението на Владата.
„Владата на Република Србија изразува длабоко жалење за сите жртви од воените судири на просторите на поранешна Југославија. Злосторствата и бесмисленото убивање на цивили се случуваше на секоја страна. Владата на Србија еднакво ги осудува злосторствата кои ги извршија припадниците на српските единици, како што ги осудува злосторствата извршени над Србите, како во Хрватска така и во Босна и Херцеговина”, прочита Селаковиќ.
Во соопштението на Владата се наведува дека „секое злосторство мора да се казни, како и секој поединец кој зел учество во истото, не е дозволено никакво политизирање и фрлање колективна вина на одредени народи, поради злосторства кои ги извршиле луѓе со име и презиме”.
„Политиката на помирување ќе биде политика на Владата на Србија, а веруваме дека тоа ќе биде и политика на другите влади во регионот. Токму затоа, Владата на Србија смета дека правдата на казнување на припадници на само еден народ за злосторствата кои ги чинеле сите е всушност селективна”, наведе Селаковиќ.
Тој додаде дека Србија има обврска за соработка со Хашкиот трибунал, како и тоа дека одлуките на Трибуналот не може да ги менува и да коментира неправосилни пресуди од делот на меѓународната и домашната јавност што претставува спротивен обичај на демократски развиениот свет, во што Србија не сака да учествува.
„Поради тоа, Владата на Србија не сака да реагира на содржината или образложението на било која пресуда. Сепак, после многугодишна работа Трибуналот останува горчливиот вкус поради фактот дека оние кои се творци на политиката на злосторства против Србите не се казнети скоро на ниту еден начин”, наведе Селаковиќ.
Како што додаде, сериозната и одговорна политика која Владата на Србија ја води подразбира и грижа за српскиот народ во ентитетот Република Српска и дека тоа не е само историска и братска одговорност, туку обврска која е произлезена од Дејтонскиот договор.
Тој наведе дека е јасно дека српскиот народ, каде и да живее, поради пресудата на Караџиќ нема да е помалку вреден, ниту помалку слободен, ниту пак ќе има помалку права да живее како рамноправен и уважен во демократско уредено и стабилно општество, водејќи политика на мир и разбирање.
Додавајќи дека Србите се мирољубив народ и дека сакаат да гледаат кон иднината а нешата од минатото да ги остават таму каде што и припаѓаат, Селаковиќ прочита: „И покрај сите предизвици, жалење и разочарување, сериозната и одговорна Србија недвосмислено останува посветена на политиката на животот, стабилноста и политиката на мирот. Само таквата политика може и мора да биде наша најсилна карта за иднината, во која заедно со своите соседи има многу заеднички нешта”.