Kristina Maslareviç
12 Август 2016•Ажурирај: 13 Август 2016
БЕЛГРАД (АА) - Новоизбраната Влада на Република Србија денес ја одржа првата седница на која се конституирани работните тела на владата, јавува Anadolu Agency (АА).
Како што е кажано од Службата за медиуми на Владата на Србија, особено внимание на седницата посветено е на улогата на Социјално-економскиот совет во идната работа на Владата, именувањето на нејзините членови во тој совет како и на меѓусебната соработка.
Исто така, Владата на првата седница утврди дека ќе го почитува законскиот рок, кој истекува на 15 септември, за дотогаш да се утврди минималната цена на работата, низ дијалог со социјалните партнери.
Српската влада беше формирана вчера во попладневните часови, по гласањето за доверба во Народното собрание на Србија. За новиот состав на владата гласаа 162 пратеника, мнозинството од вкупно 250.
По гласањето со прозивка, премиерот Александар Вучиќ и министрите положија заклетва, а на положувањето на заклетвата присувствуваа српскиот претседател Томислав Николиќ, претседателот на БиХ ентитетот Република Српска (РС) Милорад Додик, поглаварите на верските заедници, патријархот на СПЦ Иринеј, реис-ул-улема на ИВЗ на Србија Сеад Насуфовиќ, белградскиот надбискуп Станислав Хочевар и дипломатскиот кор.
Една од причините што првата седница е закажана за раните утрински часови, во 6:30 часот, е денешната официјална посета на премиерот Александар Вучиќ на Виена, на покана на австрискиот канцелар Кристијан Керн. Покрај средбата со канцеларот Керн и со делегација на австриската Влада, Вучиќ, исто така, ќе одржи посебна средба со министерот за надворешни работи, Себастијан Курц.