Ivana Ramadanova
17 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
СКОПЈЕ (AА) - Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес изјави дека ќе закаже седница за избор на владата откако мандатарот Зоран Заев до Собранието ќе достави Предлог-програма и Предлог-состав на новата влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Паралелно со оваа седница, ќе се одржи и седница за измени на Изборниот законик, односно за закажување термин за одржување на локалните избори.
„Закажувањето на седницата зависи од мандатарот. Во моментот кога ќе добијам материјал, ќе закажам седница. Паралелно ќе одат двете седници, за избор на владата и за локалните избори“, рече Џафери.
Откако даде исказ во Јавното обвинителство на РМ за настаните од 27 април, во Собранието, Џафери изјави дека го радува фактот што Иванов го доделил мандатот за формирање влада, и рече дека со тоа тој придонесува да не се создаде лоша практика во парламентарниот живот во Македонија.
„Ме радува фактот што господинот Иванов го рефлектираше и го исполни тоа што го очекував. Со тоа, во крајна инстанца придонесува да не се создаде лоша пракстика во парламентарниот живот во Македонија, во смисла на индивидуално одлучување или по нечија волја. Но верувам дека ќе има време додека е надвор од државата, со ладна глава да размисли колку тој со своите постапки и одлуки придонел кон состојбата во земјата, во смисла на она што се случи на 27 април“, рече Џафери.