Besar Ademi
17 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Носителот на мандатот за формирање на Владата на Република Македонија, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, по добивањето на мандатот од претседателот Ѓорге Иванов, изјави дека ќе се обиде да го формира владиниот кабинет во најкус можен рок, јавува Anadоlu Agency (АА).
Во изјавата за медиумите пред претседателската резиденција „Вила Водно”, Заев рече дека новата влада ќе биде проевропска и ќе обезбеди квалитетен живот за сите граѓани, почитувајќи ја мултиетничноста и Охридскиот рамковен договор.
„Новата реформска Влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија. Сите сили ќе ги насочиме да изградиме правда и правна држава, да обезбедиме услови за квалитетен живот на сите граѓани во Македонија, со меѓусебно разбирање, кон почитување на мултиетничноста во државата и Рамковниот договор“, изјави Заев.
Тој апелираше до сите граѓани да ги избегнат разликите и омразата, и да работат заедно за иднината на земјата. „Имавме надеж и верба дека гласот на обединета, шарена Македонија е гласот на единствена Македонија, и денес ја имаме таа потврда. Едно општетсво за сите е концептот на иднината на Македонија“, истакна Заев.
На прашањето за колку време очекува да се формира новата влада, Заев истакна дека иако законскиот рок е 20 дена, се надева дека ќе го формира владиниот кабинет во помалку од десет дена. Тој рече дека ќе разговара со Демократската унија за интеграција (ДУИ), движењето БЕСА и со Алијансата за Албанците, за сите да бидат дел од, како што рече, новата реформска влада.
Инаку, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, кој во рок од 20 дена треба до Собранието да ја достави владината програма и да го предложи составот на новата влада.
Мандатот беше доделен пред истекот на законскиот рок на 19 мај, петок, откако Заев достави гаранција за зачувување на унитарноста на државата.
Доделувањето на мандатот доаѓа откако Иванов доби известување од претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека е формирано парламентарно мнозинство. Иванов претходно одби да му додели мандат на новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ и бараше гаранции за зачувување на унитарноста на државата и почитување на Уставот.