Zülfiya Yakup
16 Јуни 2016•Ажурирај: 16 Јуни 2016
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово постигна договор за продолжување на мандатот за уште две години на мисијата на ЕУЛЕКС во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Размената на писмата помеѓу претседателот на Косово, Хашим Тачи, и високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, е стандардна процедура за продолжување на мандатот на мисијата. Тачи го испрати писмото до Могерини на 9-ти јуни.
Владата на Косово ги усвои и измените на законот во однос на мандатот на ЕУЛЕКС. Тој закон беше повторно усвоен по координираната размена на писмата.
Вицепремиерот и министер за правда, Хајредин Кучи, го претстави предлог-законот за ратификација на меѓународниот договор меѓу Република Косово и Европската унија за мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово. Тој, исто така, воведе измени во предлог-законот во врска со мандатот на ЕУЛЕКС, усвоен минатата недела.
Кучи рече дека првата измена се однесува на правната основа за забрзано процесуирање на законот за ратификација на меѓународниот договор за ЕУЛЕКС во Собранието на Косово, додека другата измена во членот 7а се однесува на вонредните околности кога ЕУЛЕКС под одредени специфични основани причини може да предложи нов случај кај обвинителот на ЕУЛЕКС.
Таквиот предлог потоа го разгледува комисијата соствена од главниот државен обвинител, главниот обвинител од Специјалното обвинителство и главниот обвинител од Апелационото обвинителство, додека Советот на обвинители на Косово ќе реши за случајот, дали ќе го преземе или не.
Одлуката на Владата за продолжување на мандатот на ЕУЛЕКС денес ќе биде проследена на усвојување во Собранието по брза постапка.