Zülfiya Yakup
10 Јули 2016•Ажурирај: 10 Јули 2016
ПРИШТИНА (АА) - Американската заменик државен секретар Викторија Нуланд ја започна посетата на Приштина со одвоени средби со претседателот Хашим Тачи и претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, јавува Anadolu Agency (АА).
Високата американска претставничка потоа се сретна со премиерот, Иса Мустафа, заменикот-премиер и министер за правда Хајредин Кучи, и министерот за надворешни работи, Енвер Хоџај. Предвидена е средба и со заменикот-премиер од редот на српската заедница, Бранимир Стојановиќ.
Од Амбасадата на САД соопштено е дека не се предвидени изјави за медиумите, а по средбите ќе биде објавено соопштение за медиумите.
Посетата на Викторија Нуланд се случува во време кога опозицијата остро се спротивставува на ратификацијата на договорот за демаркација на границата со Црна Гора, што претставува единствен останат критериум кој Косово треба да го исполни за Европската унија да ги укина визите за косовските граѓани.
Освен за демаркацијата, се очекува да се дискутира и за примената на договорите постигнати во дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел, како и за продолжување на евроатлантските интеграции на Косово и борбата против корупцијата.
Помошничката американска државна секретарка од Приштина ќе отпатува за Тирана каде што ќе се сретне со највисоките албански официјални лица, а во наредните два дена планирана е посета на Македонија и Србија.