Zülfiya Yakup
10 Јули 2016•Ажурирај: 11 Јули 2016
ПРИШТИНА (АА) - Заменикот државен секретар на САД, Викторија Нуланд, за време на разговорот со косовскиот претседател Хашим Тачи ги поздрави достигнувањата на Косово, особено во борбата против корупцијата, но нагласи дека треба да се работи уште повеќе, пренесува Anadolu Agency (АА).
„Бевме заедно со претседателот Обама во Варшава и претседателот ви испраќа поздрав, како и потпретседателот Џо Бајден, кој го поздрави напредокот во важните чекори кои Косово треба да ги преземе во наредните месеци", рече Нуланд на состанокот, се соопштува од Кабинетот на претседателот.
Таа рече дека вниманието на ЕУ е преместено од регионот на Балканот, а САД наесен ќе бидат фокусирани на претседателските избори, па затоа земјите од Западен Балкан треба самите да ги преземат потребните чекори за консолидација на нивните држави, но и во нивните меѓусебни односи.
„Добро е што Косово ги направи потребните чекори пред есента и така го задржа моментумот на позитивен развој”, заклучи Нуланд.
Косовскиот претседател Тачи рече дека сега е воспоставена практиката лицата кои се осудени или обвинети да дадат оставка од своите политички позиции и обврски во земјата и дека „никому не му е дозволено да избега од правдата”.
Тачи истакна дека политичката сцена на Косово сега ги надминала грдите слики од претходно и додал дека е време да се посвети внимание на важните одлуки за Косово и неговата иднина.
Тој истакна дека демаркацијата со Црна Гора треба да биде усвоена од страна на Собранието што е можно поскоро, бидејќи никој нема право да ја задржува визната либерализација, а со тоа и консолидирањето на земјата. Кога станува збор за дијалогот со Србија, Тачи истакна дека двете страни треба да ги спроведат сите договори кои се постигнати досега, и дека е време за нов квалитет во дијалогот кој ќе донесе помирување, подобри соседски односи и поголема соработка.
Претседателот Тачи говори и за случувањата на полето на безбедноста, нагласувајќи дека Косово останува посветено на борбата против екстремизмот и тероризмот, но и за ставање крај на процесот на изградба на безбедносна архитектура, вклучувајќи го во тоа и формирањето на Вооружените сили на Косово.
„Ќе ги искористиме сите можности за дијалог со сите заедници, вклучувајќи ги и претставниците на Србите во Косово, со цел оснивање на Вооружените сили на Косово. Но, Косово не може да прифати Белград да има право на ,вето' за формирањето на косовската армија”, рече Тачи.
Високата американска дипломака на состанокот со претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, истакна дека Владата на САД и натаму силно ќе го поддржува Косово и во тој контекст додаде дека за напредокот на Косово од суштинско значење е зајакнувањето на владеењето на правото, правосудниот систем и борбата против корупцијата и организираниот криминал .
Весели, како што е соопштено од Собранието на Косово, истакнал дека го поддржува зајакнувањето на правната држава како и реформите неопходни на патот кон евроатланските интеграции.