Stipe Mayiç
16 Јуни 2016•Ажурирај: 16 Јуни 2016
ЗАГРЕБ (АА) - На денешната редовна седница на хрватскиот Сабор, како втора точка е поставено гласањето за недоверба на премиерот Тихомир Орешковиќ, која според сите најави, ќе биде изгласана. Тоа би значело дека владата паѓа и преоѓа во техничка влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Се очекува Орешковиќ да им се обрати на пратениците пред гласањето за недоверба на премиерот, кое на дневниот ред во Саборот ќе биде околу пладне.
За недоверба на премиерот се гласа по барање на ХДЗ, кој вчера ја потврди таа својата одлука. Недовербата ќе ја потврди и поголем дел од опозицијата, а според досегашното изјаснување на парламентарците, против недоверба ќе гласаат само пратениците на Мост и пратеничката Гордана Русак. Бидејќи за изгласување на недоверба на премиерот потребни се 76 гласа, се очекува Саборот денеска да изгласа недоверба на владата, т.е. недоверба на позицијата на премиерот и министрите, со што таа станува техничка.
ХДЗ во следните 30 дена има можност да собере парламентарно мнозинство кое би го поддржале нивниот нов кандидат, Здравко Мариќ, и тоа парламентарно мнозинство да ѝ го претстави на претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, која ќе треба да ја одобри новата Влада.
Но можно е и друго сценарио. Во текот на следните денови постои веројатност на дневен ред да се најде и иницијативата на СДП за отповикување на Саборот, која исто така има шанси да добие поголем дел од гласовите, бидејќи Мост порача дека се за нови избори, доколку Орешковиќ биде сменет.
Доколку се распушти Саборот, на хрватската претседателка и преостанува само да распише нови избори, кои би се одржале наесен.