Stipe Majic
29 Март 2018•Ажурирај: 30 Март 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Владата на Република Хрватска, на денешната седница го усвои предлогот за прифаќање на понудата на Израел за купување 12 авиони од типот Ф-16 за воена ескадрила која на Хрватската војска ќе ѝ служи до 2050 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Хрватската Влада денес на седницата усвои предлог презентиран од експертскиот тим по евалуацијата на петте понуди од неколку земји, со тоа што за најдобра понуда за Хрватска е оценета онаа на државата Израел со која е понудена ексадрила од 12 авиони од типот Ф-16 Барак, по цена од 386 милиони евра.
Станува збор за најголем и најскап проект што Хрватска го покрена со цел нејзино воено опремување од настанувањето на државата.
Премиерот Андреј Пленковиќ на почетокот на седницата на Владата се осврна на предлог одлуката за набавка на повеќенаменски борбен авион, истакнувајќи дека оваа е одлука е одложувана низа години, бидејќи, како што оцени, претходно владите ја избегнувале од низа причини, политички и финансиски.
Одлуката за избор на борбени екадрили од 12 авиони која ја понуди Израел, Пленковиќ ја оцени како квалитетна поради неколку аспекти.
Тој истакна дека се работи за борбени авиони Ф-16 од производство на американската компанија „Locheed Martin“, кои во Хрватска ќе дојдат потполно надоградени и осовремени како и прилагодени на стандардите на НАТО, што ќе биде целосно пресметано во цената на трошоци, со цел тие авиони да му бидат на распологање на хрватското воздухопловство најмалку во текот на наредните 25 години.
„Со оглед на развојот на технологијата и можностите на овој воздухоплов од четвртата генерација Ф-16, тие авиони ќе обезбедат способност на Хрватските вооружени сили практично до половината од овој век“, изјави премиерот.
Премиерот ја нарече оваа одлука стратегиска и генерациска која Владата ја носи со целосна одговорност за желбата за зајакнување на способностите на хрватската Армија и за придонес кон безбедноста во поширокото подрачје и да стане респектабилна членка на НАТО и на ЕУ.
„Трошоците за набавка на овие авиони во следните десет години ќе ја чинат Хрватска најмногу 50 милиони долари годишно“, изјави хрватскиот премиер.
Понудата на Израел предвидува испорака на 12 авиони, десет едноседи и два двоседи, со НАТО компатибилна опрема и напредни авионски системи, лична опрема на пилотите, симулатор за летање F-16, обука на пилотите и техничкиот персонал во Израел.
Пакетот вклучува иницијален пакет на резервни делови, пакет опрема за потпора на летање од земја, иницијален пакет за вооружување, изградба и адаптација на инфраструктурата, и три години целосна логистичка поддршка, вклучувајќи присуство на инструктори во Хрватска за да помогнат во одржувањето и обучувањето на персоналот.
Владата предлогот ќе го испрати до Хрватскиот парламент кој ќе го разгледа и ќе одлучи за неговото прифаќање.