Stipe Mayiç
06 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
ЗАГРЕБ (АА) - На почетокот од седницата на Владата на Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ, меѓу останатото, најави дека од утре ќе се применува построг граничен режим на сите надворешни граници, поради опасноста од тероризам, јавува Anadolu Agency (AA).
Утринава, по одржаниот состанок на министерот за внатрешни работи, Влахо Орепиќ, со премиерот Андреј Пленковиќ, премиерот на седницата на хрватската Влада соопшти дека од утре ќе се промени режимот на проверки при преминувањето на државната граница.
Тој појасни дека се работи за уредба поврзана со законот за шенгенските граници, според која ќе бидат зајакнати граничните контроли при преминувањето на границите.
„Сето тоа е поврзано со спречување на тероризмот, значи зајакната гранична контрола и во рамките на ЕУ. Сакам да им порачам на сите што патуваат да бидат трпеливи и да имаат разбирање дека новиот систем на контрола од утре ќе биде во функција“, порача Пленковиќ.
Тој предупреди дека поради новите правни прописи би можеле да го забават преминувањето на границите и да се чека за премин, особено за време на претстојните велигденски празници.
Се истакнува дека новиот режим ќе се однесува, пред сѐ, на подобра контрола на луѓето и да се спречи преминувањето на границите за лицата кои во рамките на ЕУ би се одлучиле на казнени дела или тероризам.
Министерството за внатрешни работи (МВР) на официјалната интернет-страница извести дека Република Хрватска има обврска на сите гранични премини, на внатрешната (кон Република Словенија и Унгарија) и надворешната граница (сите останати гранични премини), да ги проверува сите патници преку достапната база на податоци.
Службениците на хрватската граничната полиција при извршувањето на граничната контрола на патниците, при влез и при излез од територијата на ЕУ, ќе спроведуваат темелна проверка на сите патници низ две бази на податоци: националната база на податоци на Информатичкиот систем на МВР и базата на податоци на Инерпол.
„Досега не се правеа темелни проверки на државјаните од земјите-членки на ЕУ и од државите придружени на Шенгенскиот простор, а од утре темелно ќе се проверуваат и тие категории на лица“, порачува МВР на Хрватска.
Посебен режим ќе важи за граѓаните од трети земји, со важечка патна исправа којашто мора да биде издадена 10 години наназад, и таа мора да биде важечка најмалку три месеци од датумот на заминување од Хрватска.
Исто така, државјаните на третите земји мораат да ја оправдаат целта и условите на планираниот престој и да имаат доволно средства за одржување и враќање, и не смеат да бидат закана за меѓународната сигурност и односи.
Премиерот се осврна и на терористичкиот напад во Русија, во Санкт Петербург, и притоа изрази сочувство до Руската Федерација и до нејзините државјани.