ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Германија Томас де Маизиере, се сретна во Истанбул со турскиот колега Ефкан Ала, а по состанокот изрази благодарност до турските власти за напорите кои ги вложуваат во истрагата за вчерашниот напад во Истанбул и нагласи дека во моментот не постојат никакви причини поради кои би се откажувале посетите на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
"Никогаш нема да запреме во борбата против тероризмот. Како што ја продолжуваме антитерористичката борба, така ги продолжуваме и напорите во правец на изнаоѓање политички решенија. Сакам да нагласам дека паралелно со тоа не сакаме да се откажеме од важноста која ѝ ја придаваме на слободата. Тука спаѓа и слободата на луѓето да се движат и да живеат во мир и безбедност. Одлучно ја поддржуваме Турција во борбата против тероризмот", рече Маизиере.
Маизиере истакна дека ќе го повика својот турски колега во посета на Берлин, следната недела, со цел продолжување на соработката и размена на мислењата и информациите помеѓу владите на двете земји.
"Во Берлин, на ниво на влади, ќе разговараме за прашањето на илегалните миграции и за решителната борба против тероризмот по вчерашниот напад во Истанбул. Терористите не успеаа доколку имаа за цел да ја блокираат соработката помеѓу Турција и Германија. Токму спротивното, сега додатно се зближуваме."
На прашањето на новинарите, дали билатералните односи на Германија и Турција би можеле да се мета на вчерашните напади, Маизиере рече дека досегашната истрага и собраните податоци по ништо не упатуваат дека мета на вчерашниот напад директно биле Германија или нејзините граѓани.
"Тоа беше директен напад на човештвото. Беше напад на Германците кои ја посетија Турција за да се запознаат со нејзиното историско и друго наследство, а со желба за зближување на двата народа. Поради тоа мораме најостро да ги осудиме и да се спротивставиме на таквиот напад", порача Маизиере.
Турскиот министер за внатрешни работи Ефкан Ала, по состанокот со Маизиере изјави дека во рамките на истрагата за вчерашниот напад во Истанбул, синоќа е приведено едно лице осомничено за поврзаност со тие случувања.
Најостро осудувајќи го вчерашниот напад, турскиот министер Ала рече дека тоа беше напад врз целото човештво, врз Турција, нејзиниот народ и нејзините гости од странство. Додаде дека целата меѓународна заедница мора да биде единствена во борбата против заедничката закана, тероризмот.
"Сите 78 милиони наши граѓани и сите гости кои се во Турција може да се чувствуваат безбедни. Ваквите терористички напади не можат да го загрозат нашето единство, вербата во нашата иднина и заедничката изградба на подобар свет", порача министерот Ала.
Министерот за внатрешни работи на Турција понатаму рече дека внимателно се преземени сите безбедносни мерки и дека Турција ќе ја интензивира соработката со Германија на тој план.
По заедничката конференција за новинарите, министрите Ала и Маизиере заедно со турскиот претседател Ахмет Давутоглу ги посетија хоспитализираните ранети од вчерашниот напад, а во план е и посета на местото на терористичкиот напад.
Вчера во самоубиствен напад во Истанбул, загинаа 10, а ранети беа 15 лица. Нападот го изведе бомбаш-самоубиец со потекло од Сирија.
news_share_descriptionsubscription_contact
