Stipe Mayiç
04 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на седницата на Владата изјави дека вчера во Собранието не се изнесени ни докази ни факти против министерот за финансии Здравко Мариќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на иницијативата на СДП за гласањето за доверба на министерот за финансии, за кое вчера цел ден се дискутираше во Собранието, Пленковиќ изјави дека тоа било дискусија „врз основа на памфлет“.
„Ниедна од точките во тоа барање не беше поткрепена со никакви докази и факти. Бевме сведоци на дискусија врз основа на памфлет. Видовме дека постојат политички опции коишто се во состојба без никаков доказ да настојуваат во контекст на медиумски и јавен притисок да остават впечаток дека колегата Мариќ е за нешто виновен и дека треба да сноси одговорност“, изјави Пленковиќ.
Тој додаде дека нема да дозволи таков вид на дисквалификување на колегата министер, кој со работењето во оваа и во претходната Влада покажал дека е особено стручен.
Пленковиќ за Мариќ изјави дека помогнал во растот на БДП, буџетот за фискална консолидација, за намалување на јавниот долг и на буџетскиот дефицит, а особено се покажал способен во комуникацијата со меѓународните институции и агенции за кредитен рејтинг.
„За мене не постоеше ниту најмала дилема дека ние како влада и како ХДЗ треба и сакаме да го браниме“, порача премиерот.
„Се покажа дека колегите од Мост го немаат истото размислување“, додаде Пленковиќ.
„Тоа не може да помине без реакции и без одговори. Станува збор за елементарна политичка абецеда, тимска работа и партнерство... Да беше колегата Мариќ министер на Мост во оваа влада, би го бранел еднакво како што вчера го бранев колегата Мариќ“, изјави премиерот.
„Монструозните обвиненија дека оваа Влада, јас лично или ХДЗ имаме намера да штитиме чии било казнени работи, криминал, а камоли во 'Агрокор', нема да поминат. Тој вид на манипулација, спин, злонамерност и обвиненија нема да поминат затоа што се лажни и неточни“, порача Пленковиќ.
Тој повтори дека оваа Влада пронашла квалитетно решение за кризата во „Агрокор“.
Пленковиќ предупреди на злоупотреба на позициите од страна на министрите на Мост, алудирајќи на министерот за внатрешни работи, Владо Орепиќ, и истакна дека лично со министерот за надворешни и европски работи, Давор Иво Стиер, го решил проблемот што се однесува на метежот при премин на границата со Словенија.
Хрватскиот Парламент наскоро ќе се изјасни за довербата на министерот Мариќ. Доколку мнозинството гласови биде против довербата, тоа би можело да значи и пад на Владата на Пленковиќ и нови избори во Хрватска.