Stipe Mayiç
23 Јуни 2016•Ажурирај: 25 Јуни 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ ја отвори денес 28-та седница на хрватската влада, прва во техничкиот мандат по импичментот во Саборот. Тој порача дека Владата во својот технички мандат ќе ги извршува сите обврски најмалку во следните четири месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
„Факт е дека ќе имаме техничка влада околу четири месеци, а можеби и подолго. Тоа е јасно, многу отворено ви велам”, порача техничкиот премиер Орешковиќ.
„Ние нема да се дадеме”, дофли насмеано министерот за надворешни работи од редот на ХДЗ, Миро Ковач.
Премиерот најави дека Саборот ќе функционира нешто помалку од еден месец, односно до распуштање на 15-ти јули.
Орешковиќ истакна дека сите државни органи ќе продолжат да функционираат и дека Владата ќе ги исполни сите свои обврски кон јавноста и општеството. Тој порача дека ќе продолжи со исполнување на своите меѓународни обврски и најави посета на Брисел следната недела, а потоа и на Париз.
„Главна порака е дека Владата функционира и дека ќе ги исполниме нашите обврски. Платите, пензиите и сè останато ќе функционира редовно”, порача премиерот.
Иако парламентарните избори ќе се одржат на почетокот на септември, за формирање нова Влада и предочување на парламентарното мнозинство на претседателката, која ќе застане зад новиот мандат, ќе биде потребен одреден рок по изборите.
На денешниот дневен ред на Владата има 40 точки. На седницата, како што се очекуваше, не учествуваше Томислав Карамарко откако поднесе оставка на функцијата потпретседател, но не присуствуваше ниту Божо Петров, како втор потпретседател на Владата.
Се очекува дека новите парламентарни избори, кои ги распишува Колинда Грабар-Китаровиќ, ќе се одржат на почетокот на септември бидејќи законскиот краен рок за нивното распишување е најмалку 30, а не повеќе од 60 дена од денот на распуштањето на Саборот.