Ivana Ramadanova
18 Април 2016•Ажурирај: 19 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - По вчерашната пауза, илјадници граѓани заедно со граѓанското здружение „Протестирам“, а поддржано од уште повеќе од 80 граѓански асоцијаци, денеска повторно излегоа на протест, јавува Anadolu Agency (AA)
Како и претходно, и денеска граѓаните се собраа пред Специјалното јавно обвинителство. Целта на истите, како што соопштуваат од здружението, е да се даде поддршка на Специјалното обвинителство и да се побара оставка од претседателот Ѓорѓе Иванов и повлекување на неговата одлука за општа аболиција.
Колоната демонстранти од седиштето на Специјалното обвинителство се префрли пред Собранието, каде се забележува големо присуство на полиција. Пристапот до улицата на коај се наоѓа Собранието сепак не е блокиран, како што тоа беше случај на претходните протести.
Од Собранието, граѓаните се упатија кон Плоштадот Македонија. Попат, повторно фрлаа јајца и боја кон Триумфалната капија, а потоа во фонтаната на споменикот на Александар Македонски истурија неколку кутии прашок за перење, за како што рекоа, симболично да порачаат дека ништо не го пере криминалот од проектот „Скопје 2014“.
Демонстрантите беа и пред Министерството на култура, главниот финансиер на „Скопје 2014“. Протестот заврши пред Владата на Република Македонија, каде што со симболично врзување на македонски и албански знамиња се изрази сплотеноста на етничките заедници во борбата против политиката на актуелната власт.
Протестот мирно заврши пред зградата на Владата на Република Македонија. Инаку, протестите кои започнаа од минатиот вторник во Скопје, вчера и денес се проширија и низ останатите градови во државата.