Besar Ademi
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Координативната средба на парламентарните групи за утврдување на предлог-составот на Комисијата во врска со прашањата за избори и именување, која се одржува зад затворени врати на Собранието на Македонија, заврши без напредок, и беше најавено дека ќе продолжи во текот на утрешниот ден, јавува Anadolu Agency (AA).
Составот на Комисија во врска со прашањата за избори и именување е предуслов за да се утврди продолжувањето на конституивната седница на Собранието, која започна на 30 декември минатата година, но беше прекината поради тоа што не се обезбеди парламентарно мнозинство за избор на претседател на Собранието на Македонија.
Координативната средба е резултат на иницијативата поднесена од страна на СДСМ. Преговорите започнаа вчера, но завршија без договор. Како што е наведено, во оваа комисија ВМРО-ДПМНЕ ќе има 6 членови, СДСМ 5, додека ДУИ и Движењето БЕСА ќе бидат претставени со по еден член.
Согласно правилата на Собранието на Македонија, Комисијата во врска со прашањата за избори и именување ќе биде избрана на конституивната седница на Собранието, со предлогот од најмалку 10 пратеници, додека нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии претставени во Собранието. Оваа комисија, или најмалку 20 пратеници можат да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и еден пратеник.