Admir Fazlagic
11 Април 2017•Ажурирај: 12 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија денес ја продолжи конститутивната седница на која треба да се изберат претседател, заменик-претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на избори и именувања, како и претседател на Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
Како и во претходните продолжувања на седницата во изминатите денови, и денес пратениците упатија меѓупартиски обвинувања во контекст на блокирањето на работата на Собранието.
На почетокот од единаесеттото продолжение на конститутивната седница, Социјал демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) побара пратениците да преминат на четвртата точка од дневниот ред - избор на претседател на Собранието. Со ваквиот предлог не се согласи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека тоа е спротивно на Деловникот.
Според нив, најправилно е прво да се исцрпи расправата за третата точка, избор на Комисијата за прашања на изборите и иманувањата.
Претседавачот Вељаноски побара од пратениците да се откажат од процедуралните забелешки, репликите и од контрарепликите, за да може да се дојде до гласање по третата точка, да се продолжи со четвртата точка и да заврши конститутивната седница.
Пратеникот Горан Мисовски од Нова социјал демократска партија (НСДП) во својата процедурална забелешка го повика претседавачот Трајко Вељаноски, како што рече, да покаже доблест и да каже дека не поддржува сценарио кое е во спротивност со парламентарното мнозинство. Пратеникот Мисовски од пратеничката говорница запраша зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат по секоја цена да не дојде до избор на претседател на Собранието.
Пратеникот Сурија Рашиди од Коалицијата „Алијанса за Албанците“ рече дека во Собранието, малцинството не ја почитува волјата на мнозинството преку прекршување на Деловникот.
Антонио Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека никој во Република Македонија ниту пред изборите не гласаше за некои политичари да направат предизборна или постизборна фотосесија со Еди Рама. Според него, влијанието на Еди Рама како политичар не помогнало во односите со Албанците во Македонија.
„Само се направи поголема штета, се создаде поголема недоверба и се прекрши еден принцип којшто важи за сите држави, а тоа е немешање во внатрешните работи на која било суверена држава, па макар и таа да е соседна држава. Што ќе се случи ако се направи платформа во Белград за Босна и Херцеговина или за Црна Гора, или што би било ако се направи платформа во Приштина за тоа кој во Тирана треба или не треба да формира влада, или Курдите во Ирак или друго место кој треба или не треба да формира влада во Анкара. Тоа не помага. Таквото однесување е само еден неискусен, неодмерен потег на еден човек кој не бил на нивото на својата задача", рече Милишоски.
Според него, постизборните платформи се изборна измама за довербата што граѓаните ја дале на изборите.
- Рама: Платформата е на албанските партии, ние само им помогнавме
Од друга страна, премиерот на Албанија, Еди Рама, во едно вчерашно телевизиско гостување, осврнувајќи се на актуелната политичка состојба во Македонија, рече дека таканаречена „Тиранска платформа" не постои, туку тоа е платформа на Албанците од Македонија.
„Нема никаква платформа од Тирана, туку платформа на албанските партии на кои ние им помогнавме. Ние имавме одделни средби со лидерите на албанските партии и направивме прибелешки за сѐ што кажаа. Тие се обединија на едно парче хартија", рече Рама.
Потсетуваме, конститутивната собраниска седница во Собранието на Република Македонија почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Собранието.