Ivana Ramadanova
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Собранието на Република Македонија продолжи десетата по ред конститутивна седница, на чиј дневен ред и натаму остануваат истите точки, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ, на дебатата за време на продолжението на конститутивната седница во Собранието, побара од претседавачот на Собранието, Трајко Вељаноски, да се почитува деловникот и да го стави на гласање предлогот за избор на комисија и претседател на Собранието.
„Барам врз основа на членот 78, став 2, со поддршка од 10 пратеници да биде донесена одлука со која ќе се премине на 4. точка за избор на претседател на Собранието на РМ. Сѐ додека не слушнам еден аргумент кој ќе го побие овој член, сѐ дотогаш ќе барам и Трајко Вељаноски да го стави на гласање“, рече Спасовски.
Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека барањето на СДСМ за преминување на точката за избор на претседател на Собранието никогаш не се случило во Законодавниот дом.
„Ова толкување што го има СДСМ нас ни одговорало 1.000 пати во изминатите 10 години. Да ги прекинеме дискусиите што тие ги имале, да ги поминеме законите побрзо, но тоа ниту еднаш не се случи затоа што добро знаат дека тоа не е така и дека не им држи објаснувањето. Затоа што ако еднаш се спроведе ова, тогаш не знам каде ќе завршиме“, рече Ѓорчев, додавајќи дека имаат јасна ситуација во Деловникот.
Продолжувањето на конститутивната седница доаѓа по иницијативата што беше поднесена од СДСМ, а поддржана од страна на пратениците на ДУИ и Движењето БЕСА. Оваа иницијатива на новото парламентарно мнозинство ја сочинуваат 67 пратеници од вкупно 120 членови на Собранието на Република Македонија.