Admir Fazlagic
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, во своето денешно обраќање се осврна на актуелната политичка состојба во Македонија и изјави дека очекува да биде избран нов претседател на Собранието и потоа да се формира нова реформска влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пораката што Брисел ја упати до пратениците во Собранието на Република Македонија и до претседателот на државата е дека сето тоа мора да се направи брзо. Во пораката од Брисел се повторува она што во неколку наврати е кажано, дека мора да се почитуваат резултатите од последните парламентарни избори во Македонија.
„Да заврши сегашната неизвесност и да се направи влада без одложување, заснована на парламентарното мнозинство што постои“, истакна Коцијанчиќ.
Високиот претставник Коцијанчиќ потсети дека и еврокомесарот Хан го повика претседателот да го преиспита својот став.
„Очекуваме сите политички лидери и институции да дозволат да продолжи демократскиот процес, а тука се подразбира и изборот на нов претседател на Собранието“, изјави Коцијанчиќ, портпаролка на Европската комисија.
Инаку, во Собранието се одржува десетто продолжение на конститутивната седница на која се расправа за Комисијата за избори и именување и за избор на претседател на Собранието.
Во меѓувреме, повеќе од еден месец се одржуваат протести на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која бара од СДСМ, како и од другите политички партии, да не ја прифатат платформата на албанските политички партии во Македонија, која се однесува на унапредување на правата на оваа етничка заедница.