политика

Џафери го прими на проштална средба началникот на Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје

Џафери упати благодарност за досегашниот ангажман на Канцеларијата, но и лично до полковник Јанкович како современик на тридецениската НАТО интеграција на Северна Македонија

Ekipa  | 29.03.2021 - Обновена : 30.03.2021
Џафери го прими на проштална средба началникот на Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го прими во проштална посета началникот на Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје, полковник Зоран Јанкович, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението од Собранието на РСМ се вели дека Џафери упатил благодарност за досегашниот ангажман на Канцеларијата, но и лично на полковник Јанкович како современик на тридецениската НАТО интеграција на Северна Македонија.

Полковник Јанкович, од друга страна, истакнал дека заслугите за реализација на оваа значајна придобивка за државата се на сите досегашни влади, парламенти и претседатели, нагласувајќи дека улогата на Собранието била круцијална во рафинирањето на политичкиот дијалог и консензус за членство во НАТО сојузот.

„Соговорниците разменија мислења за идните активности во НАТО Алијансата, кои ќе бидат фокусирани на перманентна трансформација и модернизација, како и градење на стабилни одбранбени системи“, се вели во соопштението на Собранието.

Нагласено е дека сојузништвото со сите земји членки на НАТО, заедно, но и врз одвоени билатерални основи, претставува натамошен предизвик за Северна Македонија кон постигнувањето на основната цел на Алијансата - заштитата на глобалниот мир и безбедност.

„Со одбележувањето на една година од полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, престанува да функционира НАТО Канцеларијата за врски во Скопје, бидејќи од консумент, државата стана рамноправен контрибутор во сите активности на НАТО, како на политички, така и на воен план“, се наведува во соопштението.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.