Abdula Berisha
21 Февруари 2020•Ажурирај: 22 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - По повод 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Агенцијата за примена на јазикот во Република Северна Македонија организира меѓународна научна конференција насловена „Мултилингвализмот и предизвиците на спроведувањето на Законот за јазиците во Република Северна Македонија“, јавува Агенција Анадолија (AA).
На конференцијата присуствуваа професори и научници од Северна Македонија, Косово и Албанија.
Директорот на Агенцијата за примена на јазикот, Илбер Села, во својот говор објасни дека конференцијата ќе има богата програма и дека ќе помогне во размената на искуства.
„Верувам дека дури и денес, на овој глобално одбележан ден, 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ќе имаме богата конференциска програма, заедно со одржување на четири панели, кои вклучуваат говори и дискусии во врска со европските модели на јазичните политики“, рече Села.
Поздравен говор одржа и поранешниот вицепремиер на Република Косово, Енвер Хоџај, кој ја истакна важноста за донесувањето на Законот за употреба на албанскиот јазик во Северна Македонија.
„Усвојувањето на Законот за употреба на албанскиот јазик во Северна Македонија пред две години, мислам дека беше голем настан не само за граѓанските права и правата на Албанците во Северна Македонија, туку исто така беше голем настан и за регионот“, рече Хоџај.
Свои говори имаа и заменик-директорот на Агенцијата за реализација на правата на заедниците, Џелал Хоџиќ и професорот од Албанија, Рами Мемушај.
Во 1999 година 21 февруари од УНЕСКО е прогласен за Меѓународен ден на мајчиниот јазик, а во 2000 година овој датум беше промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност.