Abdula Berisha
27 Февруари 2020•Ажурирај: 28 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) го организира Вториот национален форум за здравје под мотото „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“, јавува Агенција Анадолија (AA).
На форумот беа присутни претставници на здравствените институции во земјата, претставници од СЗО и од други меѓународни институции. Со воведни обраќања, форумот го отворија министерот за здравство, Венко Филипче, сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска и регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Во изјава за медиумите, министерот Филипче истакна дека во однос на здравјето на мајките и новороденчињата, во последните години се постигнати добри резултати.
„Се инвестираше сериозно и се надградија капацитетите на сите најголеми родилишта во нашата земја. Се инвестираше и во инфраструктурата, во опрема, во прием на нов кадар, во едукација на кадарот“, изјави Филипче, додавајќи дека во последните две години се преполовени случаите на смртност кај предвремено родените новороденчиња.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, во изјава за медиумите рече дека имал можност да посети една болница, при што изрази задоволство од реформите што се спроведуваат во областа на здравството во Северна Македонија.
„Реформите во здравствената заштита на мајките и децата врз основа на силна примарна здравствена заштита е модел што ќе го користиме во подрегионот на Балканот“, рече Клуге.
Во меѓувреме, првата дама Ѓоргиевска во нејзиното обраќање истакна дека зајакнувањето на здравствениот систем претставува динамичен процес на сите нивоа. Сепак, таа рече дека е неопходно да се посвети посебно внимание на примарната здравствена заштита, за којашто рече дека би требало да претставува главен столб за унапредувањето на целокупниот здравствен систем.