Husameddin Gina
04 Февруари 2019•Ажурирај: 05 Февруари 2019
СКОПЈЕ (AA) – Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ денеска организираше панел-дискусија во рамки на одбележувањето на 4 Февруари - Светскиот ден за борба против рак, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната панел-дискусија стана збор за ракот со посебен акцент на превенцијата, раната детекција, третманот и терапијата, состојбата во Македонија, и за следните чекори – имплементирање на Национален регистар за рак.
Претседателката на Здружението за борба против ракот „Борка“, Биба Додева, истакна дека е многу среќна од фактот дека во конкуренција од повеќе од 100 организации од над 50 земји во светот, „Борка“ била избрана да биде „Шампион на земјата – Country Champion“ и со тоа ѝ овозможила на Македонија да стане дел од лидерите на глобалното движење – кампањата „Третман за сите“, што ја спроведува светската Унија за меѓународна контрола на ракот (UICC).
Таа нагласи дека проблемите во борбата против ракот не се розеви, но црните статистики од минатите години видливо почнале да се менуваат.
„Инциденцата, да не се лажеме, секаде во светот е тренд и расте, значи сè повеќе и повеќе има тренд на зголемување на новозаболени, новодијагностицирани од каков било вид на малигно заболување. Меѓутоа нашата цел и нашите активности се фокусирани токму на намалување на морталитетот од ракот. И ако сакаме да ја воведеме Македонија да биде дел од Европа, треба да има и европско здравство коешто го следи тој тренд на намалување на смртноста од рак“, рече Додева.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во изјавата за медумите пред започнувањето на панел-дискусијата истакна дека е започнат процесот за изготвување на Национален регистар за рак и тоа за прв пат во Македонија.
„Ги зајакнуваме капацитетите во смисла на поставување на регистар за малигни болести за прв пат во нашата земја, како за пациентите коишто се лечат во болница, така и за пациентите на ниво на нивните места на живеење, со што ќе научиме многу за причините и со тоа како да се справиме со големиот процент на малигни заболувања во нашата земја“, рече министерот за здравство.
Тој, потсетувајќи дека превенцијата е исклучително важна, истакна дека започнуваат со набавка на 8 мамографи за јавните здравствени институции низ земјата, со што значајно ќе се подобри капацитетот за правење мамографија и програмата за превенција од ова заболување.