Husameddin Gina
05 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Во Македонија 8 од 10 родители користат насилни методи за да ги дисциплинираат своите деца, беше истакнато денеска на прес-конференцијата по повод почетокот на кампањата „И родителството се учи“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека оваа кампања ќе придонесе да станеме свесни како со однесувањето влијаеме на нашите деца, но со тоа влијаеме и на целото општество.
„Родителството не е секогаш лесно и веројатно е најтешката задача и улога која ја имаме во текот на својот живот. Љубовта ни доаѓа природно, но родителските вештини се учат“, истакна Царовска.
Таа посочи дека само инвестицијата во луѓето може да придонесе Македонија да дојде блиску до европските развиени земји.
За министерот за здравство, Венко Филипче, борбата против насилството е висок приоритет за нивното министерство.
„Не постои школа за успешно родителство, но затоа тоа се учи. Одговорноста да се создаде израз на здраво дете е голема, не е лесна, има многу предизвици“, нагласи Филипче.
Осврнувајќи се на испитувањето, Филипче рече дека оние деца кои се сведоци или самите страдаат од насилство, многу е веројатно дека ќе страдаат од насилство и како возрасни или се потенцијални насилници.
Арбер Адеми, министерот за образование и наука, истакна дека сплотеноста и соработката со ЕУ и УНИЦЕФ ќе значи максимален ефект.
„Министерството за образование и наука заедно со училиштата, поточно со стручните служби во училиштата, како и досега, така и натаму ќе продолжи да обезбедува поддршка на сите родители и старатели“, рече Адеми.
Според амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Семуел Жбогар, очигледно е дека има многу работа што треба да се направи, секаде во Европа, па така и во Македонија.
„Пред сè, родителите ја имаат клучната одговорност да ги сфатат и почитуваат правата на детето. Со оглед на секојдневните ограничувања во семејството, притисоци, социјални проблеми, можеби и емотивни ограничувања, честопати децата се оние коишто ги трпат последиците“, рече Жбогар.
Претставникот на УНИЦЕФ во земјата, Бенџамин Перкс, нагласи дека 85 отсто од развојот на човечкиот мозок се случува во првите 5 до 6 години од животот.
Тој, исто така, наведе дека клучниот двигател на позитивниот детски развој во тој период е односот на детето што го има со родителите дома.
Кампањата се спроведува како дел од регионалниот проект на УНИЦЕФ, а е финансирана од Европската Унија.