Балкан

Заев: „Жената е столб на општеството“

Премиерот Заев рече дека нема компромиси кога се работи за здравјето на мајките и новороденчињата, и затоа треба да се стори сè за да се намали смртноста.

Abdula Berisha  | 08.03.2019 - Обновена : 10.03.2019
Заев: „Жената е столб на општеството“ (Foto: Vedat Abdul/ AA)

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, учествуваше во презентацијата на резултатите од проектот за намалување на смртноста на мајките и новороденчињата, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев рече дека не е случајност тоа што овој настан е организиран токму на 8 Март, Меѓународниот ден на жената. Тој истакна дека нема компромиси кога се работи за здравјето на мајките и новороденчињата, и затоа треба да се стори сè за да се намали нивната смртност.

„Значајно е да се спомене дека овој проект е првиот којшто се реализира во Република Северна Македонија на принципот „Matching Funds“. Средствата коишто ги одвои државата потоа беа дуплирани од страна на Фондот за население на Обединетите нации, со што вкупниот буџет достигна до 5,7 милиони денари“, рече Заев.

Премиерот Заев, исто така, рече дека жената е столбот на семејството и на општеството, додавајќи дека грижата за жената претставува грижа за идните генерации.

На присутните им се обрати и министерот за здравство, Венко Филипче, којшто рече дека соработката со Фондот за население на Обединетите нации (United Nations Fund for Population Activities-UNFPA) веќе ги даде првичните резултати.

„Драго ми е што проектот којшто го започнавме со УНФПА даде резултати. Во 2017 година на Клиниката за гинекологија и акушерство починале 36 новороденчиња на 1000 живородени, додека пак, во 2018, 24, што е пад за 30 проценти“, рече Филипче.

Проектот за намалување на смртноста на мајките и новороденчињата е поддржан од УНФПА. Меѓу другото, како дел од проектот се обучени 47 здравствени работници во двете поголеми родилишта во државата, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и Клиничката болница во Тетово.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.