Ivana Ramadanova
25 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, постојаната амбасадорка на ОН во Македонија, Луиза Винтон, и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, денеска одржаа прес-конференција по повод промоцијата на Програмата за вработување 2018, јавува Anadolu Agency (AA).
На промоцијата беше потпишан и Договорот за Годишната програма за вработување 2018 проектирана на 8,3 милиони долари, кој претставува дел од Оперативниот план за вработување, а во фокусот се младите и лицата од ранливите категории.
Според премиерот Зоран Заев, Владата на Македонија и Министерството за труд и социјална политика веќе го спроведуваат новиот Оперативен план за 2018 година, со комбинирање мерки и услуги чија основна цел е да се поврзат капацитетите на невработените со профилите што се бараат од страна на бизнисот.
„Борбата со невработеноста останува наш заеднички предизвик. Креирањето квалитетни работни места и подобар пристап до работа носи сериозен потенцијал за раст на економијата и значителен поттик да создаваме едно кохезивно општество за сите граѓани“, истакна Заев.
На прес-конференцијата се обрати и постојаната амбасадорка на ОН во Македонија, Луиза Винтон, која информираше дека со Годишната програма е предвидено отворање 980 мали бизниси, од кои 50 на лица со попреченост, како и ангажирање лица во 45 до 50 општини што ќе им помагаат на децата од предучилишна возраст, лицата со попреченост и постари лица.
„Недостатокот од пристојни работни места претставува она што ние во УНДП го гледаме како предизвик во однос на напредокот на земјата и предизвик за понатамошен развој на земјата. Стапката на невработеност кај младите луѓе, која изнесува скоро 50 проценти, води кон нивно постојано заминување, одливање на талентите и енергијата што ја имаме во државата, како и напуштање на сите градови и села, и за жал, доаѓа до губење на надежта за понатамошната иднина на младите луѓе“, рече Винтон.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, потенцираше дека треба да бидат опфатени 16.269 невработени лица, од кои 9.509 треба да бидат директно вклучени во мерките за вработување.
„Овој план се фокусира на целни групи, како што се млади до 29 години, долгорочно невработени лица, лица над 50 години, Роми и самохрани мајки, како и други групи кои немале еднаков пристап до пазарот на труд“, изјави Царовска.
Сите невработени лица имаат еднаков пристап до мерките и Програмата за вработување предвидени со Оперативниот план, иако им се дава предност на младите и тие треба да бидат застапени со најмалку 30 отсто.
Оперативниот план е донесен во март годинава, а интересот за мерките е голем, особено за субвенциите за вработување проектирани на 19.000 денари по лице, што се исплаќаат однапред.