Admir Fazlagic
31 Јануари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје беше организирана конференција посветена на споделувањето практики и иновативни модели за подигнување на младинската вработливост во Европа, организирана од Националниот младински совет на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Дамјан Николовски, претседател на Националниот младински совет на Македонија, во својата изјава за медиумите рече дека оваа конференција е прва од ваков тип во Македонија, а таа ќе им овозоможи на младите луѓе овде, заедно со претставниците на Европскиот младиски форум и со претставниците од различни делови на Европа да разговараат за практики и иновативни модели со кои би можела да се зголеми младинската вработливост во земјава.
Николовски рече дека младинската невработеност е еден од поголемите проблеми во општеството, бидејќи вообичаено стапката на невработеност кај младите е речиси двојно поголема во општата стапка на невработеност, не само во Македонија, туку генерално, во Европа и во светот.
„Она за коешто ќе разговараме се најразличните модели што говорниците овде успеале да ги применат во своите земји, а кои успеале во намалувањето на младинската невработеност. Тука можеме да ги вброиме младинската гаранција, модел што во Европа се покажа како мошне успешен, бизнис инкубатори, кариерни центри, зелени работни места и други. Сето ова, заедно со младите на дискусиите се надеваме ќе придонесе за подобрување кон социо-економска состојба на младите во Македонија“, изјави Николовски, според кој причините за високата стапка на невработенст се различни, а како поважни ги издвои економскиот систем и промените што ги трпи светот, образованието и транзицијата на младите од образовниот систем кон работата.
Ситуацијата на младинската невработеност во Србија, Македонија, во земјите во регионот и пошироко е слична, вели Милица Шкиљевиќ, член на Управниот одбор на Националниот младински совет на Србија.
„Ситацијата во Србија, кога се споредува со ситуацијата на младите во Македонија, е многу слична. Стапката на невработеност на младите е слична како и во Македонија. Процентите сега говорат дека нешто помалку од 40% од младите во Србија се невработени. Проблемите за коишто зборуваме се исти. Младите имаат проблем при преминот од образование на пазарот на трудот. Младите во образованието немаат доволно практични вештини, не постојат доволно квалитетни работни места за да тие бидат вработени“, вели Шкиљевиќ.
Според нејзиното мислење, добар пример и практика е да се состануваат не само младинските сојузи во регионот, туку и носителите на одлуки, за да креираат решенија и да дадат одговор за невработеноста на младите.
На денешната конференција учествува и Зузана Валечкова од Европскиот младински форум. Таа истакна дека во последните години не само што е забележана висока стапка на невработеност кај младите во Европа, туку забележани се сѐ понесигурни работни места за младите. Затоа, смета таа, потребно е да се работи поангажирано на создавање на поквалитетни вработувања за младите луѓе.
„Ова е добра можност да ги споделиме најдобрите практики. Во последните години, видовме зголемување на стапката на невработеност кај младите, но исто така забележавме зголемување на стапката на несигурна работа и несигурни работни места. Најголем дел од младите се притиснати да го прифатат овој вид на понуда. Многу е важно да сме тука, да ги споделиме нашите искуства и да дојдеме до квалитетни работни понуди за младите во Европа“, изјави Валечкова.
Еден од говорниците на конференцијата посветена на вработувањето на младите беше и Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија во Скопје. Тој наведе дека вработеноста на младите е многу важна област, не само за Македонија туку и за Британија и за останатите земји.
„И денес сите разговори што ги имаме на конференцијата ќе бидат фокусирани токму на тоа како да им помогнеме на младите да бидат повеќе присутни на пазарот на трудот. Обично младите кога го завршуваат образованието се големи ентузијасти, сакаат да успеат и затоа е многу важно за сите нас почесто да ги имаме овие дебати“, изјави амбасадорот Гарет.
Тој додаде дека прашањето на високата стапка на невработеност кај младите не е прашање што можат да го решат поединци, туку е потребна заедничка вклученост на сите страни, како и соработка меѓу поединците и институциите.
На конференцијата учествуваат претставници од националните младински совети од Македонија, регионот и од Европа, невладини организации коишто работат во областа на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат младите, како и претставници на домашни и меѓународни организации кои се вклучени во креирањето на политики за младите луѓе.
На крајот од конференцијата, предвидено е да се изготват заклучоци за можните решенија со кои би се подобрила состојбата на младите луѓе, особено во областа на нивното соодветно вработување и развојот на професионална кариера.