Ekipa
31 Јануари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за труд и социјална заштита на Република Турција, Мехмет Муезиноглу изјави дека корекцијата на кредитниот рејтинг на неговата земја од „стабилен“ во „негативен“, што се случи пред неколку дена, е политичка, а не економска одлука, јавува Anadolu Agency (AA).
„Динамиката на економијата на Турција од аспект на извоз и производство не е 10, туку 100 пати поголема во однос на Грција. Меѓутоа, кредитниот рејтинг на Грција не се намалува, туку расте. Зошто? Па не се работи за економска пресмтка, туку за политичка одлука“, изјави Муезиноглу при гостувањето на денешниот уреднички колегиум на новинската агенција АА во Анкара.
Осврнувајќи се на процесот на уставните реформи во Турција, Муезиноглу изјави дека тоа се корисни реформи коишто ќе дадат значење на волјата на народот, кој директно ќе го избира својот претседател, а така државата ќе премине во ера во која никој зад затворени врати не ќе може да си поигрува со судбината на турскиот народ и турската држава.
Предлогот за уставни реформи неодамна беше одобрен во Парламентот на Турција, а во продолжение на процесот ќе биде распишан референдум на кој граѓаните на Турција ќе го искажат својот став во врска со тие промени.
Муезиноглу изјави дека Турција е силна земја со голем народ и дека е потребен силен систем каков што сега се крои со уставните измени.
„Уверен сум дека и народот во мнозинство ќе ја поддржи реформата. Имаме 58 милиони регистрирани избирачи, меѓу кои и девојки и момчиња кои тукушто станале полнолетни, потоа млади што работат или бараат работа, возрасни лица кои имаат семејства, а меѓу тие избирачи има и стари лица, па дури и оние од 120 години. Му даваме на нашиот народ право да го избира својот претседател. Волјата на народот ќе биде значајно застапен фактор и на крајот ќе победи Турција и нејзината голема нација“, изјави Муезиноглу.
Врховниот суд на Грција минатата недела го одби барањето на Турција за испорачување на осумтемина пребегнати војници-пучисти, кои со хеликоптери побегнаа од Турција во Грција за време на минатогодишниот јулски неуспешен обид за воен удар што во Турција го изврши терористичката организација ФЕТО.
Муезиноглу изјави дека не е многу изненаден од таквата одлука. „Грчкиот народ скапо ја плаќаше цената за воените удари и како излез од тоа ја пронајде демократијата. Меѓутоа, се поставува прашањето зошто кон пучистите од Турција не го покажа ставот што го покажуваше кон своите пучисти. Кога ќе ги погледнеме изминатите пет или шест години во текот на кои Грција се задуши во политичката и економската криза, сметам дека таа земја не е способна самостојно да донесе таква одлука за одбивање на барањето за испорака. Затоа, не сум изненаден многу“, изјави Муезиноглу.
На прашањето на новинар дали тоа значи дека Грција е земја со која е лесно да се манипулира, турскиот министер Муезиноглу изјави дека од почетокот на тој случај и од доаѓањето на пребегнатите пучисти во Грција немало проблеми на релацијата меѓу Анкара и Атина бидејќи грчкиот премиер и другите официјални лица за време на разговорот со турските колеги зборувале и најавувале едно, а на крајот се случила одлука сосема спротивна на тие најави.
Тој додаде оти е јасно дека во случајот се вмешале други сили и дека Грција морала да го предаде својот правен систем за да донесе таква одлука.
Исто така, Муезиноглу изјави дека осумтемина пребегнати пучисти во Грција се исклучително важни имиња и дека зад сѐ постои стратешки план бидејќи пучистите знаат многу за обидот за воениот удар.
„Поради тоа, сметам дека Грција не би можела да ги испорача тие пучисти, и да го сака тоа“, изјави Муезиноглу.