Besar Ademi
22 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија и „Полио Плус – движење против хендикеп“, ќе започнат со реализација на проектот „Центар за вработување на лица со хендикеп“, кој е дел од ИПА Компонентата на Европската Унија (ЕУ) за развој на човечките ресурси, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на проектот е поголема вклученост на лицата со посебни потреби на пазарот на трудот преку наградување на нивните вештини и унапредување на нивното образование и квалификации, кои ќе придонесат за нивна целосна интеграција во општеството.
Министерот за труд и социјална политика на Македонија, Ибрахим Ибрахими, кој беше присутен на презентацијата на проектот, рече дека до 2007 година вклучувањето на лицата со хендикеп на отворениот пазар во Македонија беше околу 43 отсто, а сега оваа бројка достигнала до 60 отсто. Тој исто така најави нов закон, кој ќе придонесе за зголемување на процентот на лицата со инвалидност на отворениот пазар.
„Oчекување дека по формирањето на новата Влада дека новиот закон ќе помине и дека ќе се воведе квотниот систем со цел лицата со инвалидност да се вклучат во отворените стопанства“, изјави Ибрахими.
На прес-конференцијата оперативната директорка на Стопанската комора на Македонија, Елена Мишевска-Штрбевска рече дека постои се поголем интерес да се вклучуваат лицата со хендикеп во работните процеси и во општеството.
„Компаниите се повеќе се вклучуваат во процесите и се повеќе корпоративната и општествената одговорност добива на значење во денешно време. Тие се активно заинтересирани за запознавање со поволностите и со условите кои се нудат согласно законските прописи за вработување на лица со хендикеп а токму преку Центарот за вработување на лица со хендикеп кој што ќе биде лоциран и воспоставен во Стопанската комора на Македонија ќе може да придонесеме за уште подобро запознавање на компаниите со сите овие придобивки и услови коишто може да ги користат заради вработување на овие лица и нивно поуспешно интегрирање во работниот процес и во општеството“, рече Мишевска-Штрбевска.
Елена Кочоска од „Полио Плус – движење против хендикеп“, изјави дека ќе се создаде систем во кој од една страна ќе се земат предвид потенцијалите на лицата со инвалидност, а од друга страна компаниите ќе бидат известени околу феноменот на лицата со посебни потреби.
„Преку овој центар ќе придонесеме за промена на колективната свест од аспект на тоа дека лицата со хендикеп имаат потенцијали и тие се основни креатори на сопствениот живот“, истакна Кочоска.
Овој проект има за цел да изгради мост меѓу луѓето со посебни потреби и компаниите, со цел обезбедување на сите потребни знаења и соодветна професионална обука и пракса за подобрување на нивните вештини и капацитети, кои ќе придонесат за нивниот интегративен пристап кон пазарот на трудот.