Senada Ibraimova
24 Февруари 2017•Ажурирај: 25 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Наредната недела, од 28. февруари до 4. март ќе се одржат 14. Меѓународен саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација и 7. „Реалекспо“ – меѓународен саем за недвижности, со цел да се промовираат најголемите стопански гранки во Република Македонија (РМ), јавува Anadolu Agency (AA).
На саемот за градежништво ќе се нудат и ќе се продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти. На саемот за недвижности „Реалекспо“ ќе учествуваат голем број компании коишто ќе ги изложат своите понуди за станбени објекти.
За време на саемот, експертите од областа на енергетската ефикасност ќе ги претстават мерките и придобивките од воведувањето системи и методи за енергетска заштеда.
Жанина Стаменкова, која го промовираше штандот за енергетска ефикасност на саемот за градежништво, кој е поддржан од Швајцарската амбасада во РМ преку програмата за зголемување на пазарната вработливост „ИМЕ“, имаше средба со новинарите на оваа тема.
„На штандот ќе учествуваат лиценцирани фирми за енергетска контрола од цела Македонија, фирми коишто сакаа да учествуваат и да се промовираат, а со основна цел да ја приближиме енергетската ефикасност до компаниите, до приватните лица и до сите оние заинтересирани што сакаат да ги намалат трошоците за енергија, но исто така и кои се мотивирани да се намали загадувањето во земјата, а и да се согледа моментот на социјална одговорност“, изјави Стаменкова.
Таа во своето обраќање додаде дека досега во Македонија има вкупно 65 лиценцирани фирми за енергетска контрола. Во врска со енергетската ефикасност на објектите во државата, таа рече дека постојат постоечки и нови објекти, при што во постоечките има голема можност за заштеда на неискористената енергија, а пак во новите објекти веќе три години има напредок во однос на енергетската ефикасност.
По повод саемот за гадежништво, на прес-конференција се обратија и претставници од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Претседателот на Градежната комора на Македонија, Роберт Хот, меѓу другото рече дека комората вбројува над 450 компании што се нејзини членови, а тоа како што вели тој, значи дека 90% од градежните компании во државата се членки на Градежната комора.
Според Хот, градежништвото е двигател на економскиот раст во државата во последните неколку години. Тој напомена дека во последниот квартал е забележан раст од 30 проценти и оти имаат проекции за понатамошниот очекуван раст. Но, тој смета дека и покрај овој раст, сепак политичката криза во државата влијае на градежништвото како сектор, при што упати апел за колку што е можно побрзо решавање на политичката нестабилност.
Од Скопски саем јавуваат дека на овие саеми ќе учествуваат вкупно 100 директни компании – изложувачи, а околу 300 компании ќе бидат индиректно претставени.
Отворањето на саемот ќе биде на 28. февруари, во 11.00 часот, при што ќе се обратат претставници од Агенцијата за енергетика, амабасадорката на Швајцарија, Сибил Зугер Тесада и претседателот на Градежната комора, Роберт Хот. Саемот ќе трае до 4. март, а работното време ќе биде секој ден од 10 – 19 часот.