Admir Fazlagic
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје е отворен 14. Меѓународен саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација и 7. „Реалекспо“ – Меѓународен саем за недвижности, јавува Anadolu Agency (AA).
На Саемот за градежништво се нудат и се продаваат производи и услуги за градежна работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти. На саемот за недвижности „Реалекспо“ учествуваат голем број компании коишто ќе ги изложат своите понуди за станбени објекти. Исто така, за време на саемот, експертите од областа на енергетската ефикасност ќе ги претстават мерките и придобивките од воведувањето системи и методи за енергетска заштеда.
Саемот го прогласи за отворен амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Сибил Зутер Тахедa, која во своето излагање го изрази задоволството поради фактот што на овогодинешниот саем е застапена токму енергетската ефикасност.
„Градежниот сектор е многу важен сектор за енергетската ефикасност и ефикасноста за ресурсите. Градежните објекти трошат речиси 40 отсто од енергијата произведена на глобално ниво и 40 отсто од глобалните ресурси, но во исто време, тие се едни од најголемите произведувачи на емисиите на стакленички гасови“, рече амбасадорката Сибил Зутер Тахедa.
Таа истакна дека Швајцарија ја препознава важноста на енергетската ефикасност и го поддржува промовирањето на мерките за енергетска ефикасност во Македонија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и ќе продолжи да го поддржува промовирањето на мерките за енергетска ефикасност, особено во градежниот сектор
„Оптималното искористување на ресурсите и на енергијата во домовите, веќе не е луксуз и привилегија, туку услов што треба да обезбеди подобра иднина. Од енергетските показатели можеме да забележиме дека 40 проценти од енергетските потреби во Република Македонија се за задоволување на потребите на домаќинствата, и тоа нам ни укажува дека има голем потенцијал за намалување на потрошувачката. Од тие причини, енергетската ефикасност е прво гориво за економскиот развој на Република Македонија“, истакна директорот на Агенцијата за енергетика, Александар Дуковски.
Претседателот на Градежната комора при ССК, Роберт Хот рече дека на саемот учествуваат голем број компании од градежниот сектор, како и дека градежниот сектор останува главниот двигател на растот на домашниот бруто-домашниот производ.
„Градежништвото во последните години е двигател на економскиот развој во Република Македонија и се надеваме дека така ќе остане. Капиталните проекти што се закажани за во идинина и стабилниот пазар на недвижностите потврдуваат дека идната година нѐ очекува раст од пет отсто“, рече Хот.
Учесниците на Саемот за недвижности оценуваат дека цената на квадрат станбен простор ќе остане непроменета во наредниот период. Исто така, тие велат дека кај граѓаните постои интерес за недвижностите, особено за становите, што сметаат дека е доволен показател оти постои потреба за станови.
Меѓународниот саем за градежништво и Меѓународниот саем за недвижности, се одржува од денес до 3. март. Учествуваат 100 директни и уште 200 индиректни изложувачи.