Kemal Zorlak
25 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
САРАЕВО (AA) - Европа сè уште е силно сидро за земјите од регионот на Балканот, порача во Сараево заменик-премиерот на Република Турција, Мехмет Шимшек, во обраќањето на 9. „Сараево Бизнис Форум 2018“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Сараево денеска започна 9. меѓународна инвестициска конференција „Сараево Бизнис Форум“ (SBF), која и оваа година ги собира водечките деловни и политички лидери од регионот и светот.
Шимшек, кој беше гостин на „Сараево Бизнис Форумот“ и пред две години, во обраќањето изрази задоволство што овој форум помага во јакнењето на дијалогот во регионот, продлабочување на интеграцијата на регионот и во привлекувањето инвестиции.
„Ние ги охрабруваме нашите компании да дојдат и да вложуваат тука затоа што веруваме во долгорочни перспективи на оваа земја, мислам дека тука има големи инвестициски можности. Турција во последните 10 години вложи 35 милијарди долари во странство. Сметам дека е многу важно да продолжиме заедно да работиме за повеќе инвестиции во БиХ“, рече Шимшек.
Шимшек истакна дека кога се говори за геополитичките случувања во светот, тука секако се говори за загриженост, но нагласи:„Европа е сè уште силно сидро за овој регион“.
Турскиот заменик-премиер додаде дека во денешно време, кога се говори за технолошки промени и за четврта индустриска револуција, е многу важно да се вложува во луѓе, образование и вештини.
Тој укажа и на тоа дека глобалниот раст доживува брз развој и дека ова е голема можност за структурални промени.
„Исто така е многу важно оваа прекрасна земја да продолжи и да ја јакне својата перспектива за пристапување кон ЕУ, тоа ќе биде еден од главните двигатели за инвестирање. Ние силно ги поддржуваме амбициите на БиХ за пристапување во НАТО и ЕУ“, рече Шимшек и додаде:
„Турција верува дека растот е можен само со соседите, поради тоа им придава големо значење на историските врски со земјите од Балканот, вклучувајќи ја секако и БиХ. Вашата стабилност, мирот и просперитетот нам ни се многу важни. Поради тоа ќе продолжиме да ги охрабруваме нашите компании што повеќе да инвестираат во оваа земја.“
Инвестициската конференција „Сараево Бизнис Форум“ е глобална платформа за промоција на проекти и стопански потенцијали, анализа и подготовка на проекти и соодветна презентација на стопанските потенцијали, како и увезување стопанственици и инвеститори на индивидуално и институционално ниво. „Сараево Бизнис Форум“ претставува еден од најголемите и најважните деловни и инвестициски настани во југоисточна Европа.
И оваа година се очекува да присуствуваат повеќе од илјада водечки инвеститори и деловни луѓе од целиот свет, државници и претставници на медиумите.