Sibel Kurtoğlu
14 Април 2016•Ажурирај: 15 Април 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во своето обраќање на лидерите на над 30 земји учесници на 13-от Самит на Организацијата за исламска соработка, кажа дека на муслиманите на Балканот им треба силна поддршка од исламскиот свет, јавува Anadolu Agency (AA).
„Како ОИС треба да им пружиме силна поддршка на муслиманите ширум светот. На муслиманите во Турската Република Северен Кипар, кои со децении се во своевидна изолација. Тоа е заеднички проблем на сите муслимани. Истовремено, на заедницата на муслимани на Балканот, во Југоисточна Азија и во Африка им е потребна силна поддршка од исламскиот свет”, порача турскиот претседател.
Ердоган ги повика лидерите на над 30 земји учесници на Самитот на заедничко делување против тероризмот и сличните кризи.
„Самите треба да произведеме решенија за тероризмот и сличните кризи во нашите земји. Тоа треба да го сториме во рамките на исламското сојузништво наместо да чекаме некои други сили да реагираат. Зошто воопшто ние муслиманите чекаме помош од другите во решавањето на тие прашања? Ние тоа треба да го решаваме самите. Ние треба да реагираме. Меѓутоа, ние не реагираме, не го решаваме тоа па реагираат другите. Тие реагираат за нафтата, а не поради нашата благосостојба”, рече Ердоган.
Во Конгресниот центар во Истанбул, со учество на шефовите на владите и претседателите на 30 држави денес се отвори 13-от Самит на Организацијата за исламска соработка (ОИС).
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Конгресниот центар во Истанбул ги дочека шефовите на владите, претседателите и претставниците на 30 држави кои учествуваат на Самитот на Организацијата за исламска соработка (ОИС).