Ivana Ramadanova
02 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Убаво е некогаш заедно да се израдуваме на позитивните одлуки за Македонија“, им одговори премиерот Зоран Заев на пратенците од опозицијата на денешната седница за пратенички прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
Заев денеска ја убедуваше опозицијата во Собранието дека Македонија добила датум за почеток на преговори со ЕУ, потсетувајќи ја дека скрининг-процесот на Македонија почнува на 17 јули, како и дека Европскиот совет никогаш повеќе нема да се навраќа на Македонија за да утврдува датум за преговори.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, на денешната седница ги нарече предавници премиерот Заев и пратениците од парламентарното мнозинство, поставувајќи му прашања за Договорот постигнат со Грција.
„Не е срамно да се умре, но голем срам е ако си го смениме името. Но без име и гробовите ќе ни бидат празни“, рече пратеникот Јовановски, обвинувајќи ја Владата дека го „продала“ името за материјална корист и власт.
Одговарајќи на обвинувањата од страна на пратеникот Јовановски, премиерот Заев истакна дека со овој договор е исполнета вековната аспирација на вековните предци, а тоа е да имаме држава.
„Македонија по 27 години ќе има јасна шанса да одлучи за каква иднина се залага и каква иднина посакува за своите деца. Македонија конечно ќе ја има и никој ништо не ѝ може. Секако, ако граѓаните застанат зад референдумското прашање и го поддржат. Оти конечно сме држава признаена од целиот свет, конечно ни е признаен македонскиот народ и македонскиот јазик и повеќе дилеми нема, а вие може да пукнете што не го решивте ова прашање“, рече Заев.
Заев потенцираше дека ова е решение кое ја гарантира безбедноста на државата, додавајќи дека конечно имаме имотен лист, да бидеме членка на НАТО и ЕУ.
Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зеќири, на денешната седница за пратенички прашања го праша премиерот Зоран Заев зошто поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, е недопирлив за надлежните органи, обвинувајќи го Реџепи дека работи незаконски.
„Ако сме сите исти, а за тоа се залагаме пред законите, тогаш мислам дека не може да има недопирливи луѓе. Сулејман Реџепи од пред осумдесеттите години опстојува и покрај многуте скандали. Им се умилкува на сите власти и покривајќи се зад завесата на верски водач прави сè, само не тоа што треба да го прави и тоа што го проповеда верата“, рече Зеќири.
Според него, ИВЗ на верниците им наплаќа визи за аџилак за Саудиска Арабија, иако оваа земја, како што истакна, ги дава визите бесплатно. Тој побара од власта да испрати финансиска полиција за да провери на кој начин се финансира оваа институција и на кој начин менаџира со парите на верниците.
Премиерот Заев на тоа одговори дека Владата не е надлежна ниту пак може да биде инволвирана во внатрешните процеси на избори и именувања заради секуларниот карактер на Уставот на Македонија.
„Ова што денеска се отвори како дискусија е службен патоказ и до Владата да настапи со инспекции и да провери дали се плаќаат даноците од закупнини на имотите. Трудовата инспекција ќе добие налог од мене лично како премиер да ги провери овие аспекти, ќе постапиме во делот што е наша надлежност“, вети Заев.