СКОПЈЕ (АА) - По повод јубилејната 20. годишнина од постоењето на институцијата „Народен правобранител“, во Собранието на Македонија, со учество на претставниците и поранешните претставници на канцелариите на Народниот правобранител на земјите од регионот, но и од пошироко, започна панел-дискусијата на тема „Институција Народен правобранител на Македонија: почетоци, развој и предизвици“, јавува Anadolu Agency (AA).
Панел-дискусијата беше отворена од страна на претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, а поздравен говор одржа и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како и Ерлинда Баланца, претседателка на Асоцијацијата на народните правобранители на Медитеранот (AOM), а воедно и Народен правобранител на Албанија.
Џафери, во своето обраќање, истакна дека во овие 20 години до Народниот правобранител на Македонија биле упатени над 123.000 граѓани, нешто што според него покажува дека оваа институција станала позната за граѓаните на земјата и освоила доверба во пошироката јавност, кога станува збор за заштита на уставните и законските права на граѓаните.
Џафери се осврна и на извештаите на Народниот правобранител кои се разгледуваат и усвојуваат од страна на Собранието.
„Кога веќе ги спомнав годишните извештаи на Народниот правобранител, мислам дека добро би било ако тие извештаи, по усвојувањето во Собранието, станат некаков вид на водич на секоја државна институција, без разлика дали станува збор за извршната или за судската власт. Овие извештаи, според мене, треба да бидат и дел од стручната литература на факултетите за правни и политички науки“, додаде тој.
Премиерот Заев рече дека Народниот правобранител е една од главните алки меѓу граѓаните и системот за заштита на човековите права и слободи.
„Институционалното јакнење на народниот правобранител беше меѓу приоритетите во реформите на правосудниот систем и на разузнавачките безбедносни служби што ги спроведовме со Планот 3-6-9 и ќе остане на приоритетната листа во идните реформски потфати на Владата“, додаде Заев.
Заев се осврна и на некои промени на неговата Влада за време на нејзиниот едногодишен мандат, во поглед на правата на Народниот правобранител, и нагласи дека Владата постигнала да го зајакнува кадарот на квалитетот на Народниот правобранител со вработување на 10 млади лица во неговата канцеларија, потоа дека на Народниот правобранител му е овозможено да биде член во Советот за следење на важноста на реформите во правосудството, како и тоа дека му е дадено овластување за утврдување на моделот и законската рамка за невладиниот надворешен механизам за набљудување на работата на полицијата.
Народниот правобранител Иџет Мемети, кој од 2004 година е на чело на оваа институција, истакна дека, да се биде Народен правобранител во едно општество, како што е Македонија, е повеќе од предизвик.
„Соработката, добрата комуникација и довербата се основа за напредок и успех. Вредности кои понекогаш беа разнишани, а веќе полека но сигурно се враќаат“, додаде тој, упатувајќи благодарност до актуелните државни челници.
Во овие два дена во Скопје, во рамки на десеттиот јубилеј на Асоцијацијата на народни правобранители на Медитеранот ќе се одржи и конференцијата насловена „Народниот правобранител, заштитник на социјални, културни и еколошки права“, во која ќе учествуваат претставници на институции на народни правобранители на земјите членки на Асоцијацијата на народни правобранители на Медитеранот.
Првиот ден на конференцијата ќе се посвети на улогата на Народниот правобранител во заштитата на социјалните права на ранливите категории граѓани, во вториот ден ќе се дискутира улогата на Народниот правобранител во заштитата на правата на животната средина, а најавено е и усвојувањето на Декларацијата на оваа Асоцијација.
Асоцијацијата на народни правобранители на Медитеранот е формирана на 19 декември 2009 година во францускиот град Марсеј, а нејзини членки се вкупно 37 земји, меѓу кои 7 од Западен Балкан (Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина).
news_share_descriptionsubscription_contact
