Adel Omeragic
30 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
ПОДГОРИЦА (AA) - Интеграцијата на Западниот Балкан е во интерес на регионот и Европската Унија, и таа не е доведена во прашање, соопшти денеска премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Марковиќ денеска во рамките на Премиерскиот час одговараше на прашањата на пратениците во Собранието на Црна Гора.
Претседателот на клубот на Демократската партија на социјалистите, Миодраг Радуновиќ, го замоли премиерот да го соопшти конкретниот исход од Самитот на ЕУ - Западен Балкан во Софија, и да ги појасни конкретните бенефити од овој самит за Црна Гора.
Марковиќ рече дека најсилната порака на Самитот во Софија е содржана во Декларацијата во која се вели дека ЕУ повторно ја потврдува недвосмислената поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан.
„ЕУ е решителна да го зајакне своето ангажирање на сите нивоа поради поддршката на политичките, економските и општествените трансформации во регионот“, рече Марковиќ.
Тој истакна дека во Владата се задоволни од Самитот во Софија и дека резултатите од него се важни за државата, но и за регионот Западен Балкан, во кој Црна Гора зазема важно место како земја со јасна политика на стабилност и соработка.
Марковиќ укажа дека Црна Гора остварила прогрес во преговарачкиот процес и дека е во поинаква и поповолна положба од соседите.
„Тоа укажува дека во овој момент европскиот пат е потежок за државите кои се наоѓаат во почетните фази на интеграциите, но дека соседите во својот напредок ќе ја имаат поддршката од Црна Гора“, истакна црногорскиот премиер.
Според неговите зборови, не е најважно дали на Самитот е употребен зборот „проширување“.
„Важно е дека интеграцијата на Западен Балкан е во двостран интерес и таа не е доведена во прашање“, нагласи Марковиќ.
Тој рече дека регионот е недоволно економски и инфраструктурно развиен и дека поради тоа не треба да се чека датумот за пристапување за со европските партнери да се започне да се работи на прашањето за поврзување.