Dzihat Aliju
30 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Народниот правобранител на Турција, Шереф Малкоч, истакна дека во рамки на 10. состанок на Асоцијацијата на народните правобранители на Медитеранот (AOM), ќе зборува за борбата што Турција ја води против терористичките организации ДЕАШ, ПКК и ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Малкоч, кој се наоѓа во Скопје за да учествува на 10. состанок на Асоцијацијата на народните правобранители на Медитеранот (AOM), и по повод 20. годишнина на институцијата „Народен правобранител на Македонија“, во изјава за медиумите истакна дека со основањето на Сојузот на народните правобранители на Балканот ќе бидe во близок контакт со овој регион.
Тој нагласи дека за време на средбите со премиерот Зоран Заев и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, разговарале околу билатералните односи, за активностите на Народниот правобранител на Турција, како и за искуствата од борбата против терористичката организација ФЕТО.
„Ги пренесовме нашите искуства, им рековме дека треба да бидат внимателни. Ги потсетивме дека овие организации во името на образованието и толеранцијата им нанесуваат штета на земјите и луѓето. Она што нè радува е тоа што премиерот на Македонија во декември 2017 година, ФЕТО ја прогласи за терористичка организација. Ова е добро, но не е доволно. Треба да се стави крај на нивните образовни активности“, додаде тој.
Како што рече Малкоч, на вакви платформи имаат можност да зборуват за правната борба на Турција, да посочат дека Турција се грижи за 3,5 милиони Сиријци, образува 650.000 сириски деца и им нуди здравствени услуги на 1,25 милиони Сиријци во здравствените домови.
Тој истакна дека во европските земји зборувале за улогата и правата на Народниот правобранител. „Најзначајно е дека ќе ги пренесеме искуствата на Турција во борбата против терористичките организации ДЕАШ, ПКК и ФЕТО“, рече Малкоч.
Тој нагласи дека во 2017 години околу 17.000 пријави биле упатени до Народниот правобранител на Турција, и дека за 90% од нив донеле одлука.
Од друга страна, Народниот правобранител на Македонија, Иџет Мемеди, истакна дека на настанот имале можност да испратат многу јасни пораки во однос на важноста на институцијата „Народен правобранител“.
Тој додаде дека станало збор и за потребите што општествата ја имаат од постоењето на вакви институции, како и за предизвиците со кои се соочуваат и како да ги надминат.
Мемеди се осврна и на важноста на билатералните односи меѓу двете земји.
„Билатералните средби се многу важни. Во однос на билатералните односи сакав да му се заблагодарам на г. Малкоч кој најде време да нè посети, да нè почести на оваа наша годишнина, да присуствува и на состанокот на Асоцијацијата. Од разговорот со него, увидов дека има одлични идеи“, додаде Мемеди.
Малкоч во рамките на посетата на Македонија се сретна со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со претседателот на меѓупарламентарната пријателска група Македонија - Турција, пратеникот Енес Ибрахим. Малкоч, исто така, ќе се сретне со амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, и ќе го посети Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ).