Abdula Berisha
29 Јануари 2024•Ажурирај: 31 Јануари 2024
СКОПЈЕ (АА) - Во Владата на Северна Македонија се реализираше примопредавањето на премиерската функција меѓу досегашниот премиер, Димитар Ковачевски, и новоизбраниот премиер, Талат Џафери, јавува Анадолу.
Ковачевски и Џафери одржаа кратка билатерална средба, а потоа одржаа и заедничка прес-конференција.
Досегашниот премиер Ковачевски рече дека примопредавањето на функцијата било спроведено согласно со законските обврски за формирање техничка влада, чијашто основна задача е да организира и спроведе слободни, фер и демократски претседателски и парламентарни избори.
„На господинот Талат Џафери му посакувам успешна работа како претседател на преодната влада, како и на сите министри и заменици-министри. Верувам дека Владата ќе остане цврсто посветена на граѓанските и на државните приоритети, согласно со законските надлежности“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека изминатите две години „не беа воопшто лесни“ во услови на економска и енергетска криза.
Ковачевски им се заблагодари на сите досегашни членови на Владата за „успешно завршената работа и успешно справување со предизвиците“ и притоа упати пораки за заедништво.
„Денес сме буквално пред вратите на ЕУ и само од нас дома зависи реализацијата на полноправното членство во ЕУ во следните неколку години. По наше убедување, со досегашната и идната работа, во 2030 година Северна Македонија треба да стане членка на ЕУ. Сето ова следува по остварената повеќедецениска стратешка цел, членството во НАТО“, рече Ковачевски.
- „Уставот и законот се базата врз кои ќе ја потпирам секоја одлука“ -
Новоизбраниот премиер, Талат Џафери, во своето обраќање рече дека на состанокот со Ковачевски ги примил неговите честитки, додавајќи дека се согласиле за главните прашања кои треба да бидат во фокус на Владата.
„Го изразив моето задоволство и одговорност за задачата која ја примив, повторувајќи го тоа што веќе го реков вчера во моето експозе во Собрание, дека Уставот и законот ќе бидат базата врз која ќе ја потпирам секоја одлука и акција која ќе ја преземеме како влада“, рече Џафери.
Тој усто така рече дека техничката влада ќе продолжи со спроведување на владината програма 2022-2024, истакнувајќи дека главна задача на оваа влада е подготовка и организација на претседателските и парламентарните избори.
Според Џафери, одржувањето и напредувањето на стратешкото партнерство на Северна Македонија со ЕУ, НАТО и САД, останува да биде врвен приоритет на Владата.
„Без оглед колку ќе трае оваа влада, ве уверувам дека во ниту еден момент нема да изостане регуларното институционално функционирање, соработка и инклузивност во работата на Владата, притоа уверувајќи дека секој сегмент или секое министерство ќе биде транспарентен, отчетен и пред сѐ ефикасен во услужувањето на граѓаните“, рече Џафери.
- Техничка влада 100 дена пред избори -
Потсетуваме дека вчера, Собранието на Северна Македонија со 65 гласа „за“ и три „против“ од вкупно 120 пратеници, ја изгласа техничката влада чиј премиер е Талат Џафери.
Џафери е првиот премиер на Северна Македонија од албанската етничка заедница.
Како што беше најавено, како дел од подготовките за парламентарните избори што се предвидени да се одржат на 8 мај оваа година, на 25 јануари Димитар Ковачевски поднесе оставка од премиерската функција, а потоа Талат Џафери даде оставка од функцијата претседател на Собранието.
Овие случувања произлегуваат од Пржинскиот договор, постигнат во јуни 2015 година, за да се реши тогашната политичка криза во земјата. Според договорот, редовната Влада поднесува оставка и 100 дена пред денот на изборите се избира техничка влада што треба да ги спроведе изборите.
Одредбите од Пржинскиот договор се дел од Законот за Влада, каде што меѓу другото се предвидени неколку министерски и заменик-министерски функции за опозицијата.
Во декември 2023 година политичките лидери во Северна Македонија се согласија за датумите за одржување на претседателските и парламентарните избори.
Првиот круг на претседателските избори е договорено да се одржи на 24 април 2024 година, а вториот круг на претседателските избори се очекува да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај 2024 година.