Admir Fazlagic
09 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Одлуката дека Талат Џафери е избран за претседател на Собранието на Република Македонија е објавена во „Службен весник“, јавува Anadolu Agency (AA).
Од јавното претпријатие „Службен весник на РМ“ потврдија дека во денешниот број е објавена одлуката дека Талат Џафери е избран за претседател на Собранието на Република Македонија, со што тој официјално ќе ја преземе функцијата во законодавниот дом.
„Денешниот број на Службен весник е отпечатен, во тек е дистрибуцијата, по што ќе биде подготвено и поставено и интернет-изданието“, соопштија од ЈП „Службен весник“.
Минатата недела од „Службен весник“ најавија дека на почетокот од оваа недела ќе ја објават одлуката, односно во првиот нареден број.
Талат Џафери, пратеник од Демократската унија за интеграција (ДУИ), од страна на парламентарното мнозинство беше избран за претседател на Парламентот на 27 април, по затворањето на продолжението на конститутивната седница. По неговиот избор, демонстрантите кои протестираа пред Собранието на Република Македонија, предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ се собраа пред зградата на Парламентот и влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.
На 4 мај, Џафери со писмо го извести претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, дека е формирано ново парламентарно мнозинство, со што се создадени услови да биде доделен мандатот за составување Влада. Претседелот на државата, како што соопшти неговиот кабинет, ќе постапи согласно Уставот и воспоставената практика.
Инаку, од незвисноста на Република Македонија, Џафери е првиот Албанец кој ќе ја извршува функцијата претседател на Собранието на Република Македонија.
Во 2013 година, Џафери беше избран за министер за одбрана на Република Македонија и оваа функција ја вршеше до јуни 2014 година, а потоа до неговиот избор за претседател на Собранието ја вршеше функцијата пратеник во Собранието, од редовите на ДУИ.