Besar Ademi
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, кој беше избран од страна на парламентарното мнозинство на 27 април, по средбата со заменикот државен секретар на американскиот Стејт департмент за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, изјави: „На плодната средба со високиот претставник на американската држава, беше потврдена поддршката за мојот избор како претседател на Собранието на Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Имавме можност за размена на мислења околу потребата за сеопфатна посветеност на активностите на претседателот на Собранието, со цел да се врати стабилноста и функционалноста на Собранието, во согласност со законските одредби и Деловникот за работа на Собранието“, рече Џафери.
Тој додаде дека се разговарало за сите предизвици со кои се очекува да се соочат во понатамошните активности, и истакна дека тој ќе биде претседател на сите пратеници, без разлика на политичката и етничката припадност, и без разлика на ставот за или против неговиот избор за претседател на Собранието.
На прашањето дали е решено прашањето на безбедноста, имено да не се повтори сличен инцидент, Џафери рече дека тој е пратеник во македонскиот Парламент избран од народот и не треба да се плаши од своите граѓани, без разлика од која националност се тие.
Инаку, Хојт Ји престојува на дводневна посета на Македонија поради средбите на кои ќе се разговара за формирање на новата влада, за билатералните односи и за реформите кои се потребни за интеграцијата на земјата во евроатлантските структури. По завршувањето на средбите, се очекува Хојт Ји да одржи прес-конференција на којашто треба да го објави конечниот став на САД во врска со неодамнешните настани во Македонија.
Вчера, Хојт Ји се сретна со лидерите на албанските партии застапени во Собранието, а денес се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Парламентот, Џафери, а исто така ќе се сретне и со лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.