Bekim Laci
19 Мај 2016•Ажурирај: 20 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Со одлуката за аболиција од 12 април донесена од претседателот на државата се поткопува владеењето на правото и принципот на одговорност. Оваа аболиција не само што му нанесе штета на владеењето на правото во Македонија, туку и на кредибилноста на Македонија како земја која се определила да се интегрира во евроатлантските институции, беше заклучокот на заменик помошникот државен секретар на Стејт департментот задложен за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји кој ова го изјави на денешната прес-конференција, по дводневните средби и разговори со политичките лидери во државата, за време на посетата посветена за изнаоѓање решение за излез на земјата од политичката криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој рече дека е многу е важно лидерите итно да делуваат за да се поправи штетата предизвикана од оваа аболиција и тоа да го направат на јасен, целосен и недвосмислен начин и што е можно поитно.
„На сите мои состаноци разговаравме за аболицијата на претседателот, која го нарушува владеењето на правото и принципот на одговорност. Аболицијата не само што го поткопа владеењето на правото туку и кредибилноста на земјата аспирант за влез во евроатлантските институции", истакна Ји.
Меѓу другото, Хојт Брајан Ји изрази верување дека Владата преку своите активности, како што наведе, мора да покаже посветеност за робусна и плуралистична демократија и имплементација на реформите на кои се обврзаа политичките партии со договорот од Пржино. Како што наведе, тоа би значело вклучување на опозицијата и на ставовите на граѓанското општество. Според него оваа инклузивност, ќе биде клучна за воспоставување на системот на контрола и рамнотежа во однос на моќта на Владата што на Македонија и е потребно за да оди напред.
Ји посочи дека со цел да биде здрава демократија и да се врати на евроатлантскиот пат, Македонија мора да ја обнови посветеноста на начелата на плуралната демократија, владеење на правото, почитување на концептот на контрола и рамнотежа и транспарентност со што нема да се повторува старата пракса.
„Со години САД се силни и веродостојни партнери на Македонија. Затоа ги повикуваме сега македонските лидери да ги преземат активностите што ги спомнав погоре, да ги спроведат реформите согласно договорот од Пржино, да ги зајакнат институциите и да изградат инклузивна, одговорна влада. Доколку лидерите на земјата го направат тоа, САД ќе продолжат да даваат поддршка на нивните напори и да бидат силен партнер", порача американскиот дипломат на денешната прес конференција.
Заменик помошникот државен секретар на Стејт департментот Хојт Брајан Ји во рамки на дводневната посета на Македонија, која е трета во изминатите 13 месеци, имаше средби со лидерите на четирите партии потписнички на договорот од Пржино.