Ivana Ramadanova
19 Мај 2016•Ажурирај: 19 Мај 2016
СКОПЈЕ (AА) - Во врска со актуелните политички случувања Холандската амбасада во Скопје денеска излезе со соопштение во кое се вели дека Холандија, која во моментов претседава со Советот на Европската унија, ги повикува сите страни да преземат одговорни, одлучни и инклузивни активности кои ќе ја изведат Македонија од тековната криза, Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Холандија, се подвлекува во соопштението, целосно се придружува на изјавите дадени вчера од страна на Европската унија и САД.
"Како што се споменува во писмата упатени до лидерите на политичките партии од страна на министерот Кундерс порано овој месец, клучните чекори кои треба да се преземат се: спроведување на реформите кои ќе довдат до слободни, фер и инклузивни избори, овозможување на непречена работа на Специјалното јавно обвинителство, особено со повлекување на аболицијата на политичарите од страна на претседателот Иванов без понатамошно одлагање", се вели во соопштението од Холандската амбасада.
Се најавува дека генералниот директор за европска соработка Роберт де Хроут, кој е претставник на ниво на заменик- министер, денеска и утре ќе ја посети Македонија. За време на посетата Де Хроут има закажано средби со министерот за надворешни прашања Никола Попоски и со лидерите на четирите политички партии потписници на договорот од Пржино.