Ivana Ramadanova
22 Февруари 2016•Ажурирај: 23 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонија не сака и нема да ја затвори границата за бегалците, а ќе продолжи со залагање за сеопфатно решение на бегалската криза, соопштија од Министерството за надворешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Оттаму велат дека уште од октомври е побарано на преминот со Грција да се обезбеди сѐ што е потребно за евидентирање на мигрантите. Уште во октомври, Македонија го затвори тоа прашање кога секоја земја мораше да ги пријави своите капацитети. Тогаш е потврдено дека државата има капацитет да транзитира 2.000 лица.
Целта на Македонија, како што посочија, е да се спречи илегалниот влез на мигранти, понатаму, да се обезбеди безбеден транзит за мигрантите, како и сето она што не е обезбедено на грчките острови. Како што информира Министерството за надворешни работи, засега фокусот останува на бегалците кои се загрозени, поточно оние кои доаѓаат од земјите зафатени со војна.
Од министерството велат дека не може на исто рамниште да се стават оние кои се обидуваат да се спасат од војна со оние кои оваа криза ја гледаат како шанса да отидат во една од европските земји. Постојат и такви случаи кои неколку години работат во Грција и сега сакаат преку бегалската криза да одат во Германија.
Како што велат од министерството, очигледно хрватските власти добиле такви сознанија, па затоа ги вратиле овие лица во Србија, а српските власти како одговор на таквата политика на хрватските власти, престанале да ги пропуштаат Авганистанците.
Од таму велат дека според одлуките на Советот на ЕУ, Авганистанците имаат право на барање на азил во земјите на ЕУ, а исто такво право имаат и Сиријците и Ирачаните. Засега нема промени на режимот за пропуштање на овие три нации кои се смета дека доаѓаат од небезбедни земји. Во моментов се очекува координација и утврдување на информациите, а потоа ќе се знае што ќе се случи со лицата што во моментов се заглавени на нашата јужна гранична линија.
Засега, проблемот со бегалската криза, велат, и понатаму се засновува на трите клучни точки. Турција, како прва транзитна дестинација за најголем број од мигрантите, надворешните граници и реадмисијата, односно враќањето на мигрантите по истата рута од која тргнале која најверојатно наскоро ќе стане реалност.
Од министерството велат дека во моментов мошне е намален приливот на бегалци на нашата граница, но дека тоа не се должи во толкава мера на преземените мерки за заштита на надворешните граници и спречување на илегалното влегување, колку што пред сè се должи на временските услови.
Според нив во моментов е подобрена комуникацијата со грчките власти во споредба со минатата година кога речиси и да немаше комуникација, а на македонската граница масовно и организирано беа пренесувани голем број мигранти.
Оттаму потенцираа дека кампови нема да се градат на територијата на нашата држава. Според информациите, земјата од почетокот на бегалската криза досега потрошила над 10 милиони евра, а ветените пари кои досега 4 пати беа најавувани од ЕУ сè уште не стигнале.