Jelena Cosin
22 Февруари 2016•Ажурирај: 23 Февруари 2016
ДИМИТРОВГРАД (АА) - Мигрантите од Блискиот Исток кои низ Србија поминуваат барајќи алтернативен правец преку бугарско-српската граница, од понеделник веќе нема да можат да ги користат тие гранични премини, јавува Anadolu Agency (AA).
Сите премини освен оние на грчко-македонската граница ќе бидат нелегални, а мигрантите кои ќе се обидат преку други премини да влезат во Србија ќе бидат враќани, изјави в.д директорот на полицијата на Србија, Владимир Ребиќ и началникот на Управата на граничната полиција при МВР на Србија Миленко Божовиќ.
Меѓу 50 и 100 бегалци секојдневно поминуваат низ Центарот за регистрација во Димитровград, на источната граница на Србија со Бугарија, што претставува околу 9 отсто од вкупниот број на мигранти кои поминуваат низ Србија. Тие најчесто се решаваат да одат по копнен пат, преку Турција и Бугарија, поради стравот од морето и возењето со чамци, но и поради заштеда на пари, бидејќи рутата преку Бугарија е поефтина.
Таканаречената „бугарска рута” е многу потешка и поопасна од останатите, првенствено поради бруталноста на бугарската полиција, но и поради Стара планина која ја сочинува границата помеѓу Србија и Бугарија и кои мигрантите ја минуваат пеш, меѓу 20 и 40 километри, а токму на таа рута две лица неодамна го загубија животот поради студот.
Како што изјавија за Anadolu Agency волонтерите од кампот, мигрантите кои доаѓаат во Центарот во Димитровград се во исклучително лоша состојба.
„На нив се видливи последиците од долгото пешачење низ планината, повреди, искината гардероба, настинка. Неретко се присутни и други симптоми како модрици, каснувања од кучиња, измрзнатини. За една недела, колку што работам овде, имав можност да видам доста такви случаеви и од своите колеги да чујам дека тоа на овие луѓе им се случува навистина често”, објаснува Ебру Авџи, волонтерка.
Таа додаде дека одредени патеки водат преку река па се случувало да стигнат луѓе потполно мокри.
Дваесетдеветгодишниот Хомам А. од Сирија, својот дом го напуштил пред два месеци поради војната и тешките услови за живот, а на пат тргнал со сопругата и бебето.
„Немавме вода, храна, струја а надвор беше премногу ладно. Имаме мало бебе па затоа решивме да тргнеме. Првин стигнавме до едно турско село а потоа до Истанбул, откаде што тргнавме кон Бугарија каде што се соочивме со најголеми проблеми”, раскажува Хомам А.
Како што објасни Хомам, кога пристигнале во Бугарија, се придружиле кон група бегалци кои ги затекнале таму. Потоа бугарските војници почнале да ги удираат.
„Ги удираа сите, старите луѓе, младите, жените. Се обидоа да ми го земат детето, но не им дозволив. Подоцна, сите нè ставија во затвор. Ми ги зедоа парите, 2.000 евра. Половина од парите ги дадов на војската и полицијата, а нешто ми остана за да го купам она што ни е неопходно. Муслиман сум, не јадам свинско, но бев приморан да купам и јадам бидејќи друг избор немаше”, вели Хомам А.
Според неговите зборови, бугарската полиција на бегалците од неговата група им зела сè, од пари, лични карти, пасоши до телефони и ранци.
Откако биле пуштени од затвор, Хомам со својата сопруга дошле до Софија каде што запознале еден Либанец кој имал документи па го замолиле фамилиите преку него да им испратат пари. Откако тој им помогнал тргнале кон Србија со автомобил.
„Возачот нè возеше кон границата и негде на половина пат нè изфрли надвор и рече дека не може да продолжи понатаму. Оттаму тргнавме пеш. Патот преку планината беше многу тежок дури и со автомобил. Пешачевме уште два часа до српската граница. Тука српски полицаец повика такси да нè префрли до Центарот во Димитровград кој е оддалечен четири километри од границата. Таксистот ни наплати 40 евра по лице, значи 200 евра за четири лица за тие четири километри”, ни раскажа Хомам, пред да влезе во автобусот во кој заедно со уште 40-тина луѓе, од кои осум деца, продолжи понатаму кон Шид.