Ekipa
21 Февруари 2016•Ажурирај: 23 Февруари 2016
НИШ (АА) - Министерот за труд, вработување и социјални прашања на Србија, Александар Вулин изјави дека Србија ниту на било каков начин не ги затвотила границите ниту кон Македонија, Бугарија или некоја друга држава, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На нашите граници ништо не се менува, но претставниците на сите земји, потписнички на договорот, ќе имаат заедничка контрола врз мигрантите на македонско-грчката граница”, истакна Вулин кој денес го посети Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш.
Како што рече, на границата ќе се задржуваат луѓе кои поради одредена причина не можат да поминат до крајните дестинации, а во согласност со политиката на земјите на мигрантската рута.
„За нас тоа е големо олеснување, бидејќи ќе биде далеку помал притисокот на нашата територија, односно оние кои не можат да го продолжат движењето нема да можат ни да влезат на територијата на Србија”, нагласи Вулин.
Истакна дека Србија ќе продолжи да се придржува до своите меѓународни обврски и дека секако кој ќе побара азил, без оглед на кој начин влегол во земјата, ќе има право да влезе во процедура за азил.
„Дали ќе му биде одобрен азил или не тоа е друго прашање кое ќе се решава во согласност со нашите и меѓународните закони”, кажа српскиот министер, кој и претходно, коментирајќи ја одлуката на Австрија дека дневно од балканската рута ќе прифаќа максимално 80 барања за добивање азил и дека ќе пропушта 3.200 бегалци, истакна дека „како ќе се однесува Австрија така ќе се однесува и Србија”.
Грчката полиција тврди дека Македонија ја има затворено јужната граница со Грција за сите бегалци кои доаѓаат од Авганистан, пропуштајќи ги само бегалците од Сирија и Ирак.
Македонските власти, од друга страна, наведуваат дека Србија го сторила тоа со својата јужна граница со Македонија.