Nilay Kar
01 Декември 2017•Ажурирај: 02 Декември 2017
КОКС БАЗАР (АА) - Турската државна агенција за помош секојдневно дистрибуира храна за 25.000 Рохинџи, кои побегнаа во Бангладеш поради насилствата во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во согласност со упатствата на Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Турција, три месеци им дели храна на бегалците во Кокс Базар, потврди за АА Мустафа Карасет, еден од официјалните претставници на агенцијата.
Тимовите на ТИКА секојдневно подготвуваат оброци од приближно еден тон говедско или пилешко месо и тон ориз. Дневно се испорачуваат оброци за 5.000 семејства, или за околу 25.000 лица.
„Спроведеното истражување покажа дека децата што престојуваат во нашиот камп се здрави. Тоа нѐ прави многу среќни. Секогаш внимаваме да употребуваме свежо месо и зеленчук“, изјави Карасет, додавајќи дека оброците ги подготвуваат турски готвачи.
Мухамед Мија, бегалец Рохинџа кој пред три месеци пронајде засолниште во Бангладеш, изрази благодарност за обезбедената храна.
„Јадеме храна што ТИКА ни ја доставува секојдневно. Господ нека ја благослови Турција. Му се заблагодарувам на турскиот народ“, изјави Мија.
Од ТИКА велат дека храната, која ги покрива дневните потреби на семејствата, ја доставуваат секојдневно, во 10.30 часот по локално време. Дистрибуцијата на храната се врши систематски, под надзор на припадниците на војската на Бангладеш, а Рохинџите се вклучени во процесот на дистрибуирање и во поставувањето пунктови за делење на храната.
Сите состојки, вклучувајќи ги и зачините што се користат во готвењето се набавуваат во Бангладеш, што придонесува за економијата на регионот, се наведува од ТИКА.
Поради бруталната воена репресија во Мјанмар, повеќе од 620.000 Рохинџи од 25 август побегнаа во Бангладеш. Според сведочењата на бегалците, за време на репресијата безбедносните сили и будистичките банди убивале мажи, жени и деца, ги ограбувале и ги палеле домовите на Рохинџите.
Истражителите на ОН истакнаа дека таквите кршења на човековите права можеби претставуваат злосторство врз човештвото.