Fahri Aksüt
15 Ноември 2019•Ажурирај: 16 Ноември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Повеќе од 100 Рохинџи бегалци се спасени денеска пред нивниот дрвен брод да потоне на јужниот брег на Бангладеш, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Според соопштението објавено од Крајбрежната стража на Бангладеш, бегалците биле во обид илегално да заминат за Малезија.
Моторот на бродот се расипал недалеку од островот Свети Мартин во Бенгалскиот Залив.
На бродот се наоѓале околу 119 бегалци, меѓу кои 58 жени и 14 деца.
Крајбрежната стража го пресретнала бродот пред да потоне и ги спасила.
Припадницте на Крајбрежната стража објавија дека бегалците се приведени.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 муслимани Рохинџи, од кои најмногу деца и жени, избегаа од Мјанмар во Бангладеш, откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година.
Според извештајот на Меѓународната агенција за развој „Онтарио“ (OIDA), од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџи се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар.
„Над 34.000 Рохинџи се фрлени во огнената стихија на запалените села, а над 114.000 се претепани“, се вели во извештајот, насловен „Присилна миграција на Рохинџите - нераскажано искуство“.
„Околу 18.000 жени и девојчиња се силувани од армиските и полициските сили на Мјанмар, а над 115.000 домови на муслиманите Рохинџа се запалени, додека 113.000 се вандализирани“, се додава во извештајот.