Hasan Esen
15 Ноември 2019•Ажурирај: 17 Ноември 2019
ЛОНДОН
- Хасан ЕСЕН
Поради сериозното зголемување на злосторствата изведени со ладно оружје во 2019 година, Британец започна борба против овој вид злосторства, собирајќи ги ножевите од реонот во кој живее.
Според податоците на Британскиот национален завод за статистика (ONS), за период од 12 месеци е забележано дека бројот на злосторства извршени со ладно оружје од 41.000 е зголемен на 44.000.
Зголемениот број напади со ладно оружје, кој е еден од најголемите проблеми во Британија, зазема значајно место и во главниот градд Лондон.
Бројот на смртни случаи од напад со нож во 2018 година изнесуваше 132, а досега, во тековната 2019 година, бројот на загинати од овој вид криминални напади достигна 120 лица.

Кортни Берет, татко на четири деца, кој е загрижен од постоечката состојба, презеде акција за борба против ваквите злосторства.
Берет, кој ги собира ножевите шетајќи по улиците на лондонската населба Велтхем Форест, сместена во источниот дел на градот, го привлече вниманието на јавноста спроведувајќи ја акцијата „Фрлањето на ножевите во смет може да спаси живот“.
Берет зборуваше за АА, и во овој разговор истакна дека донел одлука да ја започне акцијата за борба против нападите со нож, бидејќи смета дека по улиците нема доволно полиција која би се справила со ваквиот тип злосторства.
„Беше потребно некој да направи некаков чекор и да се преземат одредени нешта“, изјави Берет, велејќи дека активностите што ги презема власта се недоволни.
Тој рече дека „ги започнал активностите за да го подобри општеството“, и за таа цел акцијата ја започнал во својата улица, собирајќи ножеви, некогаш ѕвонел на вратите, а некогаш на улица поставувал канта за смет и на тој начин ги собирал ножевите.
Берет рече дека засега 20-30 лица му даваат поддршка, додавајќи дека планира акцијата „Фрлањето на ножевите во смет може да спаси живот“ да ја прошири и во другите делови на Лондон.
Берет подвлече дека за период од 12 часа собрал повеќе од 200 ножеви, истакнувајќи дека семејствата имаат голема одговорност во заштитата на сопствените деца од злосторствата. Тој истакна дека младината се приклучува на бандите, бидејќи во голем број од семејствата постои недостиг на „родителски вештини“.
Потенцирајќи дека многу е поголем бројот на лица кои носат нож поради страв отколку на оние кои тоа го прават од зла намера, Берет изјави „Семејствата, всушност, не можат ниту да си замислат во колку голема опасност се нивните деца. Родителите треба да ги контролираат собите на своите деца, нивните чанти, бидејќи надвор се случуваат многу нешта. Како родители треба да зборуваме со нашите деца на темата за злосторствата извршени со нож.“