Emre Aytekin
13 Ноември 2018•Ажурирај: 14 Ноември 2018
КОКС БАЗАР (АА) - Муслиманите Рохинџа (араканските муслимани), кои во Бангладеш побегнаа од Мјанмар, би требало да бидат сместени на островот Башан Чар, во Бенгалскиот Залив. Островот често го погодуваат природни непогоди, а пристапот до него е отежнат, поради што експертите и араканските бегалци се загрижени, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортер на АА го посети островот и разговараше со официјалните претставници, за од прва рака да ги добие информациите дали тоа подрачје е погодно за бегалците.
Пред една година е усвоен План за разместување на араканските муслимани (Рохинџа), а островот досега беше ненаселен.
Островот во текот на изминатиот период е користен за различни цели, а едно време беше средиште на регионалните пирати.
Најблиското населено место на континентот е оддалечено 52 километри, а другиот остров, 30 километри. До островот може да се дојде со чамци на моторен погон. Сепак, до копното, односно, до најблискиот втор остров потребно е да се патува и два часа. Неповолните временски услови додатно го продолжуваат овој период.
Професорот Махфузур Рахман Акханд, авторот на книгата „Проблемот на Рохинџите и Бангладеш“, изјави дека властите треба да гарантираат дека островот нема да се претвори во затвор за араканските бегалци.
Островот се соочува и со ерозија, а Министерството за шумарство на Бангладеш, предупредува на големи годишни одвојувања на тлото од островот.
Официјалниот претставник на бангладешката морнарица кој не сакаше да го открие својот идентитет, изјави дека условите на островот ќе бидат подобри од оние во кои араканските муслимани живеат во импровизираните сместувачки капацитети во Кокс Базар.
Во кампот, кој би требало да биде изграден на простор со површина од 5,4 километри, неделно би требало да бидат сместени илјадници бегалци.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека од 25 август 2017 година од Аракан во Бангладеш побегнале повеќе од 700.000 лица. На сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права може да се види дека се уништени неколку стотици села.
Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го нарекуваат етничко чистење или геноцид.
Властите на Мјанмар и Бангладеш на 23 ноември 2017 година постигнаа договор за враќање на араканските муслимани во домовите. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Со Договорот се предвидува сите муслимани кои сакаат да се вратат во домовите во Аракан, мораат првин да ги покажат документите кои потврдуваат дека претходно живееле во Мјанмар.
Со оглед на тоа што со Законот од 1982 година останале без право на државјанство и лични документи, араканските муслимани не се во можност на тој начин да ги задоволат условите за враќање во своите домови.
Првобитно е најавено дека процесот на враќање на протераните лица во Аракан ќе започне два месеца по потпишувањето на Меморандумот, но потоа е одложен за понатаму.
Од друга страна, ниту пребеганите аракански муслимани не сакаат да се вратат од Бангладеш, сѐ додека не им се овозможи право на државјанство и заштита на нивните основни човекови права во Мјанмар.
Протераните аракански муслимани се сместени во кампови во подрачјето на Кокс Базар во Бангладеш. Иако водат гола борба за прежувавање во камповите без услови, араканските муслимани се задоволни што повеќе не се на брутален удар на мјанмарската Војска.