Ekipa
10 Август 2024•Ажурирај: 11 Август 2024
ДАКА (АА) - Главниот судија на Бангладеш, Обајдул Хасан, рече дека одлучил да поднесе оставка по протестите на студентите денес пред Врховниот суд, јавува Анадолу.
Хасан рече дека вечерва ќе се сретне со претседателот Мухамед Шахабудин да ја поднесе оставката, изјавија за Анадолу двајца високи адвокати во Врховниот суд.
Претходно, состанокот на Врховниот суд беше откажан откако студентите поставија двочасовен ултиматум за оставка на главниот судија и останатите судии од Апелацискиот оддел до денес напладне.
Тие се заканија дека ќе извршат опсада на домовите на судиите доколку не се исполни барањето.
Асиф Махмуд, водечки координатор на студентските протести и советник за млади и спорт на привремената влада, исто така повика на оставка на главниот судија.
Повеќенеделните протести кои почнаа минатиот месец доведоа до прекин на 15-годишното владеење на поранешната премиерка Шеик Хасина на 5 август. Во студентските протести загинаа речиси 400 луѓе, кои првично беа насочени против владината квота за јавни работни места, но ескалираа во антивладини демонстрации.
Откако Хасина се повлече и побегна во Индија, началникот на армијата на Бангладеш, генерал Вакер-уз-Заман најави формирање преодна Влада.
Претседателот на Бангладеш, Мухамед Шахабудин, во вторникот го распушти Парламентот, кој беше избран во јануари кога Хасина стана премиерка по четврти пат.
Нобеловецот Мухамед Јунус во четвртокот положи заклетва да ја предводи 17-члената преодна администрација на Бангладеш.
Главната опозициска Националистичка партија на Бангладеш побара избори во рок од три месеци за да им се предаде власта на народните избраници.