Riyaz Khaliq Khaliq,Faisal Mahmud
19 Јули 2024•Ажурирај: 20 Јули 2024
ДАКА / ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на загинати за време на студентските протести против системот на квоти за вработување во Бангладеш денес се искачи на 39, потврдија полициски извори за Анадолу.
„Повеќето од смртните случаи се пријавени во главниот град Дака“, изјавија извори за дописникот на Анадолу, додавајќи дека многу повеќе се повредени.
Во Бангладеш се интензивираа протестите против системот на квоти со кој се резервирани 56 отсто од јавните работни места за одредени групи, а Владата ги затвори образовните институции низ Бангладеш.
Студентите одбија да ги напуштат факултетските и универзитетските кампуси.
Околу 30 отсто од квотите од 56 отсто за јавни работни места се резервирани за синовите и внуците на оние што учествувале во Ослободителната војна во Бангладеш во 1971 година.
Пријавени се и проблеми со достапноста на интернет, а социјалните мрежи се ограничени.
Генералниот секретар на владејачката партија Авами лига им понуди преговори на студентите, што беше одбиено.
Продавниците и бизнисите беа делумно затворени во Дака поради насилните демонстрации.
Владата најави формирање судска комисија што ќе ги истражува убиствата.
Демонстрантите во четвртокот ја запалија и зградата на државната телевизија во Дака.